Кризата го зголеми интересот за фотоволтаици
Енергетската криза го зголеми интересот кај приватните инвеститори за вложување во фотоволтаици, како еден од начините за производство на енергија од обновливи извори. Општина Куманово периодов регистрира поголем број барања за поставување фотоволтаици. Интерес засега има само кај бизнис заедницата...

Енергетската криза, односно високите цени на сметките за електрична енергија, ги принудија стопанствениците да бараат алтернативни начини на загревање и искористување на обновливите извори. Од Секторот за урбанизам при Општина Куманово информираат дека значајно е зголемен интересот за поставање фотоволтаични централи. На инсталирање вакви централи за сопствено производство на електрична енергија се одлучиле сопственици на производствени но и продажби капацитети. Од општината велат доколку претходните години имаше од едно до две барања годишно, сега пристигнуваат во просек толку барања на неделно ниво.
„Досега имаме пет издадени вакви решенија, постапката е брза во рок од 15 до 20 дена се завршува доколку поднесената документација е изработена согласно законот и правилниот, во спротивно се носи заклучок за прекин на постапка и по усогласување се пристапува кон одобрување на истото“, нагласи Емилија Сларидис Јаневска, раководителка на Сектор за урбанизам Општина Куманово.
Од општината дополнуваат дека интерес засега има само кај бизнис заедницата. Нагласуваат дека постапката не е сложена, иако веќе се најавени законски измени и дополнителни олеснувања. Правните лица исто како и физичките коишто сакаат да поднесат барање за поставување на фотоволтаици, мора да го имаат регулирано статусот на објектот на кој ќе го постават, односно да поседува имотен лист и да има изготвен проект.
„Доколку беше до 2 киловати да не се бара лиценца, сега со измените за физичките лица е до 4 киловати, меѓутоа досега немаме од ниту едно заинтересирано физичко лице поднесено барање или одобрено за поставување на вакви фотоволтаици“, дополни Сларидис Јаневска.
Општина Куманово односно Локално економскиот социјален совет неодамна организираше и настан за стопанствениците, на кој беа промовирани придобивките и позитивните искуствата од инсталирање фотоволтаици.
Елена Георгиевска
