Анализа

Трансформација на компании

17.04.2022 18:57

Здравствената, економската и безбедносната криза отвораат нови предизвици за бизнисот – како да се опстане на пазарот. Образовните институции нудат едно, компаниите бараат друг профил за да бидат во тек со трендовите. Какви и колкави инвестиции се потребни за да се биде конкурентен?

„Здраво, кога? Може во три? Важи, благодарам, убав ден!“, рече Ермин Чуљевиќ, бербер.

15 години во еснафот и три години со сопствен бизнис, Ермин Чуљевиќ смета дека треба да направи промена за да ја доближи сопствената работа до неговите клиенти. Наместо да одговара на телефон додека работи, воведува апликација преку која секој клиент сам ќе може да го направи тоа.

„Тоа е алатка преку која ќе може да се резервира шишање, бричење, која било услуга од нашата дејност, од нашиот салон онлајн, за да си ја олесниме работата!“, рече Ермин Чуљевиќ, бербер.

Не е важно колку е голем вашиот бизнис и вашата компанија, новото време бара дигитална трансформација, вели сертифицираната тренерка Билјана Северинова, која уверува дека порано или подоцна сите ќе сфатат дека мораат да инвестираат за да можат да опстанат.

„Ова се само дел од процесите. Под дигитална трансформација подразбираме комплетно дигитализирање на сите процеси во една софтверска средина на сè она што работиме“, рече Билјана Северинова – сертифициран тренер за дигитална трансформација.

Потребно е да се има дигитална вештина, да се има време и да може излогот на продавницата да се пресели од физичка на виртуелна средина. Неопходноста од трансформација е очигледна и во текстилната индустрија.

„Она што е грешка кај нас, што се случува веќе неколку децении е дека ние сметаме дека ни недостасуваат шивачки, заради тој процес на реплицирање, бидејќи ќе стигнат многу нарачки, требаат многу шивачки. Ако вие дел од производството го автоматизирате нема да ви требаат толку многу шивачки. Ако дел од тие вработени се повисоко образовани ќе влезат во другите процеси, во развојот на производот и никој нема да остане без работа!“, рече Никола Булески, моден дизајнер и професор.

Она што го продуцираат формалните и неформалните образовни институции кај нас како работна сила сè почесто не одговара на барањето на компаниите за да го фатат чекорот со новото време и новите трендови и технологии. Воочувувајќи го овој проблем, УНДП реализира проект преку кој главна цел е креирање на култура за трансформации.

„Имаме шампиони, кои се предвесници на новото време и имаме традиционални компании кои се комотни во она што го прават сега. Меѓутоа и тие што се комотни во она што го прават ги пратат модерните трендови и навистина живееме во време каде што информациите горе-долу се достапни за сè, меѓутоа некогаш за да се охрабрат компаниите, за промена им треба вистински пример блиску до нив, да видат дека нивниот сосед го направил нештото поинаку со нова технологија и да се охрабрат дека можат и тие“, вели Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП.

Премостувањето на јазот кај вештините ќе создаде нови работни места.

„Но освен дигиталната, за да опстанат, дури и големите индустрии ќе мора да се вклопат во зелената транзиција.“

Во проектот на УНДП е вклучена и градежната индустрија. Во следниот период овој сектор ќе мора да размислува на енергетската ефикасност. Дали тоа ќе го зголеми трошокот на купувачот?

„Краток одговор-ќе биде поскап станот, а вториот дел од одговорот за 25 години ќе биде 3 пати поевтин. Наједноставно да ви одговорам зошто е тоа така, Европската комисија 2020 година ја означи како година на nearly 0 energy building. Што значи тоа, секоја зграда и секој објект да троши толку колку што ќе си обезбедува сам за себе. А зошто е тоа така? Затоа што зградите трошат 40% од вкупната енергија, електрична, топлинска и енергија за ладење и 40% емисија на ЦО2 и стакленички гасови и ПМ честичките“, вели Илија Насов, претседател на Соларната асоцијација на Македонија.

Новите времиња носат нови предизвици а бизнисот и индустријата ќе мораат да се соочат со нив и да бараат начин како да ги премостат, да внесат новини и да останат на пазарот.

Катерина Топалова