„Минус еден“ вечерва во МОБ
08.04.2014 10:49
Балетот „Минус еден“ премиерно е поставен во 2002 година и е меѓу најиновативните дела на репертоарот на Канадскиот балет...

Големиот канадски балет од Монтреал (Les Grands Ballets) вечер во Македонската опера и балет ќе ја изведе претставата „Минус еден“ во која учествуваат 25 танчари. Уметнички директор на тој врвен ансамбл со интензивна меѓународна агенда е Македонецот Градимир Панков, а неговото прво гостување во Македонија е дел од балканска турнеја и е поддржано во Годишната програма на Министерството за култура.
Балетот „Минус еден“ премиерно е поставен во 2002 година и е меѓу најиновативните дела на репертоарот на Канадскиот балет. Кореограф е Охад Нахарин, уметнички директор на танцовата компанија Batsheva Dance Company, со кого Панков соработува уште од 1980-тите кога го водел Женевскиот балет.
За претставата со која гостуваат во Скопје, Панков вчера на прес-конференција рече дека носи големи изненадувања и има близок однос со публиката.
