„Волшебната хорна“ - нов концерт со оркестарот на Филхармонија
Овој четврток на програма е концертот насловен „Волшебната хорна“ на кој како солист ќе настапи Марк Грубер на хорна од Германија. Диригент е Конрад ван Алфен (Холандија), а на програмата се Концертот за хорна и оркестар бр.1 од Рихард Штраус и Симфонијата бр.5 од Антонин Дворжак...

Овој четврток на програма е концертот насловен „Волшебната хорна“ на кој како солист ќе настапи Марк Грубер на хорна од Германија. Диригент е Конрад ван Алфен (Холандија), а на програмата се Концертот за хорна и оркестар бр.1 од Рихард Штраус и Симфонијата бр.5 од Антонин Дворжак.
Во 1883 година Рихард Штраус го напишал својот Концерт за хорна и оркестар бр. 1, во две верзии, една со пијано придружба, другата со оркестарот. Овој концерт е еден од најчесто изведуваните концерти на светските сцени, не само денеска, туку и во 19 век кога бил напишан. Премиерата на концертот со пијано придружба бил во 1883 година во Минхен, а премиерата со оркестар во 1885 година во Мејнинген
Симфонијата број 5, Антонин Дврожак ја напишал за помалку од шест недели, и таа претставува камен темелник во дефинирањето и развојот на индивидувалниот стил на овој чешки композитор. Таа претставува кулминација на неговиот ран творечки период, и во неа може да се согледа еволуцијата на неговиот музички идиом.
Марк Грубер, како солист настапувал во многу светски оркестри во Европа и во Азија. Освен настапите како солист, Грубер е активен и како камерен музичар во квартетот „Моне“.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите.
Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам.
