Зеленски не е подготвен да се откаже од теритоирјата на истокот
Украина го отфрли рускиот ултиматум за предавање на единиците во опколениот Мариупол. Москва најави дека секој отпор ќе биде елиминиран, а градот затворен за влез и излез...

Украина го отфрли рускиот ултиматум за предавање на војниците во опколениот југоисточен град Мариупол. Претседателот Зеленски изјави дека не е подготвен да се откаже од територијата на истокот за да заврши војната и дека украинската војска е подготвена за борба.
„Руските трупи се подготвуваат за офанзивна операција во источна Украина, сакаат буквално да го уништат Донбас, да уништат сè што му донесе слава на овој индустриски регион. Го уништуваат Мариупол, исто како и другите градови во Доњецк и Луганск. Правиме сè за да се одбраниме“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.
Русија одговори дека секој отпор ќе биде елиминиран и дека Мариупол ќе биде затворен за влез и излез. Веќе издаваат пропусници за движење, а според советникот на градоначалникот на Мариупол, останатите мажи се соочуваат со филтрација. Во меѓувреме, бомбардирањата на североистокот продолжуваат. Жестоки гранатирања регистрирани во Харков. Расте бројот на цивилни жртви.
„Добив повик и ми кажаа дека ќерка ми е убиена“, рече Сергеј Сиреев - жител на Харков.
Експлозии регистрирани и во Киев и Лавов. Жителите на Луганск повикани на итна евакуација. Се ослободуваат болничките капацитети на истокот. Повредените се евакуираат од Днепар со возови.
„Она што го видов беше како ноќна мора, крв насекаде. Некако стигнав до една клупа и ми помогнаа полицајците, ме ставија во автомобил и ме однесоа во болница“, рече Катја - жителка на Харов.
Руското Министерство за одбрана тврди дека воената операција напредува.
„Ракети со висока прецизност од воздух уништија 16 украински воени постројки, вклучувајќи пет непријателски командни пунктови, складиште за гориво, за муниција, како и персонал и воена опрема“, информираше Игор Конашенков - портпарол на руското Министерство за одбрана.
Во исто време, американскиот претседател Џо Бајден и неговите сојузници калкулираат во одлуките до каде можат да одат со вооружувањето на Украина, стравувајќи дека Русија може да преземе поагресивна акција за да го запре протокот на оружје од САД и од НАТО.
Бојана Крстевски
