Путин: Западот си даде автогол со санкциите за Русија
„Западот си даде автогол со санкциите за Русија“, изјави претседателот Владимир Путин. Неговата земја го издржала притисокот, рубљата зајакнала, а Русија забележала историски висок трговски суфицит од 58 милијарди долари во првиот квартал од годината...

„Стратегијата за економски „блицкриг“ не им успеа. Ни иницијаторите не успеаја да си помогнат со санкциите. Зборувам за инфлацијата, стапката на невработеност, влошената економска динамика во САД и европските земји“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Според Украина, во последните ракетни напади во Лавив загинале најмалку седум луѓе. Евакуацијата од конфликтните области беше повторно прекината.
„Руските трупи се подготвуваат за офанзивна операција во источна Украина, сакаат буквално да го уништат Донбас, да уништат сè што му донесе слава на овој индустриски регион. Го уништуваат Мариупол, исто како и другите градови во Доњецк и Луганск. Правиме се за да се одбраниме“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот проруски политичар Виктор Медведчук, кој беше уапсен поради обвинение за предавство, понуди да биде разменет за заробените цивили во Мариупол. Во меѓувреме, руската државна телевизија објави снимка со двајца Британци кои имаат исто барање.
„Многу работи се случија во последниве шест недели. Дознав дека господин Медведчук е притворен и ние сега бараме да бидеме разменети“, изјави Шон Пинер, британски борец.
„Ако Борис Џонсон вистински се грижи за британските државјани, тогаш ќе му изврши притисок на Зеленски и ќе го врати Виктор кај семејството“, рече Ејден Еслин, британски борец.
Неколку дена пред почетокот на инвазијата, 67-годишниот Медведчук избега од домашен притвор. Нему му се заканува казна од 15 години до доживотен затвор под обвинение за предавство и помагање на терористичка организација поради посредување во процес за купување јаглен за Доњецк.
Маја С. Филдишев
