Војна

Започна битката за Донбас

19.04.2022 09:23

Долгонајавуваната офанзива на руските сили за преземање на контролата на истокот е почната – потврди претседателот Зеленски. Украинските војници во Доњецк подготвени да дадат отпор. Пентагон тврди дека Русија ги засилува гранатирањата и воздушните удари на југот и истокот од земјата...

По прегрупирањата на руските трупи и жестоките гранатирања, почна втората фаза од војната во Украина – битката за Донбас. Долгонајавуваната офанзива на руските сили за преземање на контролата на истокот е почната – потврди претседателот Зеленски.

„Без разлика колку руски војници се таму, ние ќе се бориме! Ќе се браниме и тоа ќе го правиме секој ден. Нема да се откажеме од ништо украинско!“, изјави претседателот Зеленски.

Украинските војници во Доњецк подготвени да дадат отпор.

„Ако газат на наша територија-нека влезат, тука и ќе останат-засекогаш! Нема да има прашања-ќе го добијат она што го заслужуваат“, вели еден украински војник.

Гувернерот на Белгородската област во Русија, Вјачеслав Гладков тврди дека Украина извршила напади во селото Головчин и дека е повредена жена. Од друга страна, руските воздушни сили ги бројат нанесените удари во Украина.

„Авијацијата на „руските воздушни сили“ погоди 84 украински воени цели, уништувајќи фабрика за поправка на тактички ракети „точка-у“, команден центар за територијална одбрана, складишта за муниција, и за гориво“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Контролата на Кремина во регионот Луганск е изгубена – потврдија украинските власти. Во опколениот Мариупол и натаму се водат жестоки борби. Паравоената украинска национална гарда „Азов“ објави видео, тврдејќи дека успеале да извршат контранапад и да ги одвратат руските сили. Пентагон тврди дека Русија ги засилува гранатирањата и воздушните удари на југот и истокот од земјата.

„Продолжуваме да ги следиме руските воздушни напади и артилеријата во Донбас и на југот, особено околу, и во Мариупол. Русите го прават она што ние го нарекуваме обликување. Се обидуваат да постават услови за поагресивни, поотворени и поголеми копнени маневри во Донбас“, рече Џон Кирби, портпарол на Пентагон.

Во фабриката Азовстал во Мариупол сè уште се кријат околу илјада цивили-тврдат градските власти. Генералниот секретар на ООН е длабоко загрижен од продолжените напади.

„Генералниот секретар ги потсетува сите страни дека мора да ги преземат сите неопходни мерки за да се избегнат цивилни жртви“, изјави Стефан Дујариќ, портпарол на генералниот секретар на ООН.

Од Белата куќа соопштија дека размислуваат за дополнителни санкции кон Русија, но дека претседателот Бајден и покрај повикот на Зеленски, нема да ја посети Украина.

Бојана Крстевски