Руската офанзива во источна Украина не запира

20.04.2022 14:12

Драматична состојбата во Мариупол. Русија повторно со ултиматум, бара украинските борци во Азовстал да се предадат. Продолжува руската офанзива во источна Украина. Жестоки гранатирања во Донбас и во Харков...

Зеленски објаснил и дека е засилен интензитетот на рускиот оган во Харков и во Донбас, дури и врз цивилното население. Претседателот Зеленски изјави дека Украина веќе би ја завршила војната кога би имала пристап до подобро оружје.

„Да имавме пристап до целото оружје што ни треба, кое го имаат нашите партнери и кое е споредливо со оружјето што го користи руската федерација, ние веќе ќе ја завршевме оваа војна. Неправедно е што Украина сè уште е принудена да го бара она што нејзините партнери го складираат некаде со години. Помогнете да се спасат животите на илјадници украинци“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Портпаролот на украинскиот генералштаб изјави дека Русија продолжува со офанзивата на различни локации на исток.

„Сè уште постои закана од ракетни и бомби од руски авиони врз цели на територијата на Украина користејќи ја територијата, мрежата на аеродромите и воздушниот простор на Република Белорусија“, Олександр Штупун- портпарол на Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Руското министерство за одбрана им постави нов ултиматум на украинските сили во Азовстал. Се предлага борците на националистичките баталјони и странските платеници да ги прекинат воените операции и да го положат оружјето.

Украинската страна постојано отстапува од своите зборови, постојано ги менува. Тоа има лоши последици во однос на ефективноста на преговорите. Во моментов, нашиот нацрт-документ е предаден на украинската страна, која содржи апсолутно јасни формулации. Топката е на нивна страна, чекаме одговор“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.

Командантот на украинските маринци во Мариупол упати молба до светските лидери безбедно да ги извлечат војниците и цивилите заробени во последното упориште на градот.

„Ова е нашиот апел до светот. Ова може да биде последниот апел во нашите животи. Веројатно ни претстојат последните денови, ако не и часови. Апелираме и молиме до сите светски лидери да ни помогнат. Ги замолуваме да не однесат на територија на трета држава“, порача Серхи Волина - командант на украинските маринци.

Официјален Киев соопшти дека бил постигнат прелиминарен договор со Русија за хуманитарен коридор за евакуација на жените, децата и постарите лица од Мариупол. Властите се надеваат дека ќе евакуираат околу 6.000 луѓе. Претходниот договор за воспоставување безбеден коридор за евакуација на цивилите од Мариупол пропадна на 5-ти март. Оттогаш, повторените обиди за создавање хуманитарен коридор не беа успешни.

Марина Ристова