Воен конфликт

Истече рускиот ултиматум за предавање на оружјето во „Азовстал“

20.04.2022 18:39

Истече рускиот ултиматум за предавање на оружјето во „Азовстал“. Фабриката за челик останува под контрола на украинците-тврдат властите во Киев. Путин порача-операцијата беше потребна за да го заштитиме нашиот народ во Донбас...

Рускиот ултиматум за предавање на украинските трупи истече. И покрај немилосрдните напади, фабриката „Азовстал“ останува под контрола на украинските сили-тврдат властите во Киев.

„Мариупол издржува. Борбите се водат на територијата на фабриката „Азовстал“ и на други територии. На непријателот не му е лесно, трпат многу загуби. Најавени се хуманитарни коридори од Мариупол. Секој што слуша, максимално да ги искористи тие коридори“, изјави советникот на украинскиот претседател Олексиј Арестович.

Во меѓувреме, проруските сепаратисти од народната република Доњецк објавија дека пет украински војници од фабриката решиле да се предадат. Сè уште непотврдената објава, доаѓа во време кога руската државна телевизија пренесе видео за кое тврди дека покажува позиции што биле напуштени од украинските вооружени сили во фабриката за челик. На снимката се гледаат уништените простории и чад што се издига над индустриската зона.

„Ги нокаутиравме. За ова беше потребно моќно оружје и многу сила“, рече руски војник во фабриката „Азовстал.

Паралелно со битката за Мариупол, втор ден се интензивираат и операциите во источниот регион на Донбас. Рускиот претседател порача дека во овој регион наскоро ќе завладее мирот.

„Трагедијата што се случи во Донбас, вклучително и во Луганската Народна Република, едноставно ја принуди Русија да ја започне оваа воена операција, за која денес на сите им е добро познато. Пред сè, целта на оваа операција е да им помогне на луѓето, на нашите луѓе кои живеат во Донбас, на нашиот народ“, изјави претседателот на Русија, Владимир Путин.

Гранатирања регистрирани и во Харков.

„Погледнете гори покривот“, рече жител на Харков.

„Родена сум тука, ова е катастрофа, немам коментар тоа е целиот мој живот“, рече жителка на Харков.

И додека ситуацијата на терен се разгорува, дипломатијата стои во место. Русија и предаде на Украина нацрт-мировен договор со јасна формулација и чека одговор од Киев.

Бојана Крстевски