НБА кошарка

Победи на Њу Орлеанс, Мемфис и на Мајами

20.04.2022 22:16

НБА плеј – оф прво коло, Мајами поведе со 2:0, Мемфис и Њу Орлеанс израмнија на 1:1, но триумфот на кошаркарите на Пеликанс е неочекуван бидејќи е на паркетот на екипата којашто имаше најдобар биланс во основниот дел од сезоната, Феникс...

НБА плеј – оф прво коло, Мајами поведе со 2:0, Мемфис и Њу Орлеанс израмнија на 1:1, но триумфот на кошаркарите на Пеликанс е неочекуван бидејќи е на паркетот на екипата којашто имаше најдобар биланс во основниот дел од сезоната, Феникс.

Њу Орлеанс славеше со 125:114 благодарение на одличниот трет период што го доби со 12 разлика, но и на расположениот Инграм кого го делеше асистенција до трипл – дабл. откако постигна 37 поени и собра 11 топки под обрачите. Загрижувачки за првиот фаворит за шампионските прстени, Феникс е и повредата на Букер кој беше најефикасен кај Санс со 31 кош.

Во истата западна конференција, Мемфис во вториот натпревар славеше против Минесота со 124:96 откако водеше во текот на целиот дуел во којшто доминираше Морент со атрактивни потези и со 23 поени, девет скока и 10 асистенции.

Мајами, пак, со вториот триумф против Атланта потврди зошто беше најдобра екипа на истокот. 115:105 бидејќи Батлер го одигра својот најдобар плеј – оф натпревар со 45 коша. Богдановиќ кај Хоукс постигна 29, 19 во последната четвртина, додека Јанг реализираше 25, но со само два погодени од 10 шута за три поени.