Вимблдон

Забрана за настап на руски и белоруски тенисери

20.04.2022 22:20

Вимблдон донесоа политички одлука и им забранија на руските и тенисерите и тенисерките од Белорусија да играат на третиот грен – слем во 2022-ра. Веднаш реагираше АТП и тоа со квалификација дека одлуката е неправедна и дискриминациска по националност...

Велат политиката не треба да се меша во спортот, но главните луѓе на веројатно најпрестижниот тениски турнир, Вимблдон донесоа политички одлука и им забранија на руските и тенисерите и тенисерките од Белорусија да играат на третиот грен – слем во 2022-ра. Веднаш реагираше АТП и тоа со квалификација дека одлуката е неправедна и дискриминациска по националност.

Сеанглискиот тениски клуб одлуката ја образложи со одговорноста којашто ја има во ограничувањето на глобалното влијание на Русија со помош на најсилните можни средства. Иако се само спортисти и немаат никаква врска, ниту пак влијание во војната во Украина, претставниците на Русија и на Белорусија ќе бидат најголемите тениски жртви.

Досега по одлуката на АТП и на ВТА, настапуваа без национални одличја и на пример ќе играат на Ролан Гарос, но за разлика од другите турнири, во Вимблдон имаат дискрециско право да повлечат и ваков потег. Тоа значи дека во Лондон од 27-ми јуни до 10-ти јули меѓу многумината од овие две земји нема да може да настапи руското трио, вториот светски тенисер, Данил Медведев, осмиот Андреј Рублев, 26-от Карен Качанов.

Кај дамите, турнирот ќе биде осиромашен поради забранетото учество на четвртата тенисерка на светот, Белорусинката Арина Сабаленка, 18-та Викторија Азаренка, како и на петнаесеттата на ВТА листата, Русинката Анастасија Пављученкова.