Финансии

Македонските власти од ММФ бараат линија за претпазливост и ликвидност

21.04.2022 10:21

Од Меѓународниот монетарен фонд е побарана двегодишна таканаречена ПЛЛ линија за претпазливост и ликвидност. Директорката Георгиева најави препорака бордот да го одобри барањето. Линијата им е достапна на земјите со здрави економски основи и политики и преку брз пристап до средства поддржува заштита од надворешни шокови…

Во Вашингтон, Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека на 15-ти април на неформална дискусија се разгледувало барањето на властите на Република Северна Македонија за двегодишна таканаречена ПЛЛ линија за претпазливост и ликвидност.

Монетарците од Вашингтон појаснуваат дека оваа кредитна линија, достапна за земјите-членки со здрави економски основи, политички рамки и политики, може да помогне во заштитата на економиите од надворешни шокови преку обезбедување на однапред пристап до ресурсите на ММФ.

ММФ најавува дека директорката Кристалина Георгиева има намера да му препорача на бордот на фондот одобрување на ПЛЛ аранжманот. Претходно тим на ММФ ќе ја посети земјава поради консултации со владата околу барањето.

Се очекува бордот на ММФ да се состане во наредните месеци и официјално да го разгледа барањето на македонските власти, соопшти Фондот.