Култура

Ретроспективна изложба на Димитар Кондовски во Даут пашин амам

21.04.2022 10:52

Димитар Кондовски е име длабоко врежано во аналите на македонската ликовна уметност чии дела во шеесеттите години на 20 век ги удрија темелите врз кои се гради македонското современо сликарство...

На 5-ти мај во Националната галерија – објект Даут пашин амам ќе биде отворена изложба на доајенот на македонското современо сликарство Димитар Кондовски.

Димитар Кондовски е име длабоко врежано во аналите на македонската ликовна уметност чии дела во шеесеттите години на 20 век ги удрија темелите врз кои се гради македонското современо сликарство. Кондовски е роден во Прилеп, во 1927 година, а починал во Скопје, во 1993 година.

Завршил Академија за ликовни уметности во Белград, бил на студиски престој во Париз, специјализирал ѕидно сликарство во Рим, а потоа работел на неколку факултети.

Се занимавал со сликарство, илустрација, сценографија, графика, бил ликовен критичар и професор на Педагошката академија во Скопје.

Неговите самостојни и групни изложби датираат од 1957 година и тоа во: Скопје, Загреб, Рим, Њујорк, Сан Марино, Сао Паоло, Александрија, Париз, Кан итн.

Автор е на голем број театарски и телевизиски сценографии, како и на повеќе од две илјади илустрации на стотици публикации.

Изложбата ќе трае до јули 2022 година