Пијаното „Безендорфер“ со посебна кран-опрема пренесено во Офицерскиот дом во Битола
Пијаното „Безендорфер“ добиено пред две децении како донација, се врати во својот стар дом. Со посебна кран-опрема од битолскиот Завод и музеј е пренесено во најакустичната сала на Офицерскиот дом. Во следниов период, овој неодамна реновиран објект-нераскинлив дел од животот на сите генерации битолчани, ќе добива и дополнителни содржини.

Градот на конзулите отвора ново културно-забавно поглавје во неодамна реновираниот Офицерски дом. На старото место по две децении престој во битолскиот Завод и музеј, со помош на специјална кран-опрема се врати половина тон тешко пијано „Безендорфер“, кое беше добиено како донација за фестивалот на класична музика „Интерфест“. Од Културно-информативниот центар велат, пијаното се врати на вистинското место во најакустичната сала со богато концертно минато.
Додека во следниот период едно од најскапите пијана во светот се аклиматизира и добро наштима, од оваа јавна општинска установа планираат на лето да се одржи ретроспективна вечер на најубавите битолски серенади, а се подготвува и просторот за музејска поставка на современата уметност.
Содржини на кој со симпатии гледаат битолчани, но и восхит кон објектот кој е од огромно историско значење и е дел од младоста на сите генерации, а вака реновиран останува да биде дел и од иднината на градот.
Стевче Митревски
