За претстојните празници се очекува 50% исполнетост на хотелските капацитети
За претстојните празници на брегот на Охридското езеро се очекува 50% исполнетост на хотелските капацитети. Најбројни ќе бидат гостите од регионот Бугарија, Грција, Црна Гора, Србија и Албанија. Поради економската криза и инфлацијата намален е бројот на домашните гости…

За време на Велигденските, првомајските и Рамазанските празници хотелските капацитети на Охридско-струшкото крајбрежје ќе бидат исполнети околу 50%. За разлика од годините пред пандемијата кога се бараше место повеќе, поради светската економска криза и инфлацијата интересот кај гостите е преполовен.
Најбројни ќе бидат туристите од регионот, од земјите во соседството Бугарија, Грција, Црна Гора, Албанија и Србија.
„На жалост не можеме да се пофалиме дека исполнетоста ни е на некое ниво како во 2017/ 2019. Во моментов се бориме да стигнеме некаде до 50% исполнетост на хотелските капацитети во тие периоди“, вели Крсте Блажески, претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ.
Празничните патувања во криза се луксуз. Според ХОТАМ домашниот буџет не дозволува да се патува при зголемени цени на транспортот, сместувањето и услугите.
„Нарушување големо има на цените на самиот транспорт, да стигнат до овде тие гости чини повеќе, услугите се малку исто поскапи од минатите години и самата војна придонесува до размислување на туристите дали да отпатуваат на некоја дестинација или да седат дома“, вели Блажески.
Засега нема најава за значителен број организирани групи од странство, со летовите на „Визер“ на Охридскиот аеродром се очекува наплив на печалбарите.
Соња Рилковска
