Русија го освои Мариупол
Русија соопшти дека е освоен Мариупол, освен индустриската област која со наредба на претседателот Путин е блокирана. Истотака и Харков е делумно блокиран. Европската унија најавува шестти пакет санкции за Русија, а групата 7 најразвиени земји обезбедила дополнителни 24 милијарди долари поддршка за Украина...

Продолжува воената офанзива на истокот од Украина. По Рубижне и Кремина, падна и Мариупол, тврди рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„Вооружените сили на руската федерација и народната милиција на Доњецката Народна Република го ослободија Мариупол. За оние кои побегнаа во фабриката Азовстал и се блокирани таму, ќе ни требаат три до четири дена да ја завршиме оваа работа“, вели Сергеј Шојгу - министер за одбран на Русија.
Но, наместо наредба за предложениот упад, рускиот претседател Путин издаде наредба војската целосно да ја блокира индустриската област, да не може ни мува да прелета.
„Предложениот упад во индустриската област е бесмислен. Наредувам да се прекине. Нема потреба да се качуваме во овие катакомби и да ползиме под земја. Блокирајте ја индустриската област, да не може ни мува да прелета“, нареди Владимир Путин - претседател на Русија.
Од украинскиот Генералштаб тврдат дека војската жестоко возвраќа. Во јужниот регион Керсон, за кој Русија тврди дека целосно го контролира, се организира присилна мобилизација.
„Напаѓачите планираат да организираат присилна мобилизација на населението за војна со Украина. Во исто време, окупаторите си поставија цел целосно да ја прекинат хуманитарната поддршка на регионот од украинските власти. Теророт на украинското население продолжува“, изјави Олександар Шпутун - портпарол на Генералштабот на украинските сили.
Се гранатира и воената и цивилната инфраструктура низ земјата. Харков делумно блокиран. Жителите се навикнуваат на живот во подрумите.
„Немаме струја, вода, никаква комуникација, ниту пак гас“, вели Оксана Марченко - жителка на Харков.
„Еве каде спиеме, на училишни столчиња и маси. Користиме што можеме“, вели Олга жителка на Харков.
Во меѓувреме, Украина ја зголеми воздушната флота со околу 20 ловци по приливот на резервни делови од сојузниците, тврди Пентагон. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека пристигаат нови пратки воена помош од западот.
„Нашите партнери подобро ги разбраа нашите потреби, што ни треба и кога точно ни треба, не за неколку недели или за месец, туку токму сега, кога Русија се обидува да ги засили своите напади“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.
ЕУ планира шестти пакет санкции за Москва. И САД го стега обрачот.
Министрите за финансии од Г7, соопштија дека веќе обезбедиле дополнителна поддршка од 24 милијарди долари за Украина.
Во посета на Киев премиерите на Данска и Шпанија.
Бојана Крстевски
