Социјален дијалог за нов договор
Владата започнува дијалог со репрезентативните синдикати за подготовка на општ колективен договор за јавниот сектор. СОНК продолжува со штрајкот, а премиерот Ковачевски е оптимист дека преку дијалог, а не со уцени ќе се најде прифатливо решение...

Сојузот на синдикати достави иницијатива за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор. Пред социјалниот партнер – Владата излеговме со јасни барања и нема да правиме отстапки, вели првиот човек на ССМ Дарко Димовски по состанокот на работната група за креирање нов општ колективен договор. Според него решавањето на ова прашање е во интерес на целиот јавен сектор.
На состанокот беше утврдена рамката на преговорите, која во оваа фаза го опфаќа усогласувањето на платите за линеарно зголемување за 2806 денари, соопштија од Владата. Втора точка, велат, е враќањето на регресот за годишен одмор за целиот јавен сектор во 2023-та година. Договорено е и утврдување на нова методологија за пресметка на платите.
Владата и ССМ договориле и максимална вклученост на Синдикалната организација во реформскиот процес на јавниот сектор и заедничко дизајнирање на нов закон за платите што ќе се применува од 1-ви јануари 2023 година.
Марија Котовска
