Субвенциите го помагаат развојот на сточарството
Во Беровско Будинарци ливадите се белеат од јагниња. Сточарството е една од гранките за егзистенција. Субвенциите им го олеснија животот на овчарите. Приказната за брачниот пар Пармачки е само една...

Ова е приказна за овчарот и директорката, вака низ смеа ни ја раскажува својата приказна овчарот Миле Пармачки од Беровско Будинарци. Уште како дете сонувал за многу овци, за свој трактор. Денес има повеќе од двесете овци, но и натаму за себе вели дека е овчар. Со семејниот бизнис раководи сопругата, директорка на фармата. Почнал со дваесет овци и малку земја. Денес има повеќе од 30 хектари.
„Аплициравме за средствата од ИПАРД програмата, сега имаме три трактори“, вели Миле Пармачки- сточар.
Ниту младоста, ниту трите деца не се пречка 35 годишната фармерка Ангелина да не ги молзе овците, да го вози тракторот, но и да прави убаво традиционално малешевско сирење.
„Немавме работа и двајцата. Се решивме за земјоделство, се исплати. Субвенциите ни помогнаа“, вели Ангелина Пармачка.
Само во нивното село, Будинарци, има 2.000 овци. Таа бројка може да биде и поголема, ако се обезбедат повеќе пасишта.
Волците и преку ден ги демнат овците. Нема ден да не заколат овца, велат овчарите. Ова јагненеце пред речиси еден ден остана без својата мајка.
Субвенциите од година в година се зголемуваат. Годинава во сточарството исплатени се 196,1 милион денари на 10.693 сточари за одгледување говеда и тоа 2.800 денари по грло говедо и 259,2 милиони денари на 1.710 лица за одгледување овци, односно по 1.000 денари по грло и дополнителни 700 денари за секое оставено женско јагне.
Во периодот од 2006 до 2013 година наменети се вкупно 640 милиони евра субвенции за поддршка на аграрот, а досега на земјоделците им се исплатени вкупно 590 милиони евра.
Дијана Ценевска
