Продолжуваат битките и меѓусебните обвинувања
САД со покана до членките на НАТО и до сојузниците на 26-ти април на состанок за Украина во германската база Рамштајн. Главниот фокус најверојатно ќе биде, како да се зголеми понатамошната воена поддршка за Украина на краток рок. Ниту Велигден не ги намали воените дејствија во Украина.

Континуирани битки и меѓусебни обвинувања и на крајот од вториот месец од руско-украинската војна. Ни велигденските празници не успеаја да го намалат интензитетот на вооружените пресметки меѓу двете поранешни советски републики во коишто доминира православната верска заедница.
„58-ми ден од нашата одбрана заврши на Велики петок, еден од најтажните денови на христијаните. Денот кога победи смртта. Но ние се надеваме на воскресение. Веруваме во победа на животот над смртта и се молиме за нејзин пораз“, изјави претседателот Зеленски.
„Црквите се уништени, селата бомбардирани и нема каде да се оди. Имавме прекрасна црква, ова е огромна штета“, вели жител на Лукашивка.
Киев и натаму тврди дека противничката страна врши напади врз Мариупол и Харков. Москва очекува одговор од западниот сосед за предлозите кои му ги испратиле минатата недела во врска со мировните преговори. Фабриката „Азовстал“ е блокирана, но руските сили порачаа дека секој што сака може слободно и безбедно да замине од челичарницата. Во објектот наводно не биле само украинските сили, туку и националистите. Жестоки пресметки и кај Миколаив.
„На болниците во регионов беа поставени бели платна со црвен крст и тие се гледаа и од дронови и авиони. Верувавме дека ова ќе нè спаси, но во оваа војна ништо веќе не е свето“, изјави Ала Барсихијан, директор на болница во Баштанка.
„Велат дека Русите ќе ги соберат мажите кои останаа овде и ќе формираат некаква војска.“
„Како во Доњецк и Луганск, сакаат нашите сограѓани да се борат на нивна страна и против Украинците“, велат жители на Херсон.
Идната недела генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш најави посета на Москва и средби со претседателот Владимир Путин и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Светска банка процени дека материјалната штета врз објектите и инфраструктурата во Украина достигнала 60 милијарди долари.
Конфликтот почна на 24 февруари. Според Москва, целта на, како што велат, „специјалната воена операција“ е прекин на геноцидот во Донбас, и денацификација и демилитаризација на Украина.
Маја С. Филдишев
