Астрономски цени на станбениот и деловниот простор во Охрид
Цените на станбениот и деловниот простор во Охрид ги надминаа сите очекувања. Побарувачката веќе неколку години е поголема од понудата, а по војната во Украина и поскапувањето на градежните материјали обичните граѓани не можат ниту да помислат за купување на стан. Цената на метар квадратен станбен простор во центарот на градот е од 1.500 до 2.000 евра, додека деловниот простор во зависност од локацијата се продава од 2.500 до 6.000 евра за метар квадратен.

Војната во Украина, енергетската и економската криза придонесоа цената на метар квадратен станбен простор во Охрид да се зголеми скоро за двојно во споредба со 2019-тата година. Метар квадратен на периферијата на градот пред три години чинеше 650 евра, а во моментов треба да се платат дури 1.050 евра, додека во центарот метар квадратен се продава од 1.300 до 2 000 евра. Ако се знае дека градежните материјали на територијата на земјава се исти и ако се направи споредба со другите градови прашање колку тие цени се објективни.
„Побарувачката влијае на зголемување на цената, влијаат материјалите нормално, има добар процент бидејќи скоро двојно и нешто е поскапо од материјалите, тоа е затворање на парите. Несигурноста на граѓаните во банкарскиот систем, значи што може да се случи и не е битно цената колкава е, инвестираат“, вели Никола Иванчиќ-сопственик на Агенција за посредување со недвижности.
Енормно е и зголемувањето на цените на метар квадратен деловен простор. Во зависност од местоположбата на деловниот простор во централното градско подрачје метар квадратен чини од 2.500 до 6.000 евра. Се цени дека во чаршијата метар квадратен чини од 12.000 до 15.000 евра, но засега сопствениците не се заинтересирани за продажба.
„Јас како агенција лично го имаме понудено за комитент од странство, имаме понудено 12.000 евра по метар квадратен и значи зборуваме за деловен простор некаде од 270 метри квадратни и не беше прифатено“, вели Иванчиќ.
Инвеститорите не се заинтересирани за куќи, најчесто бараат станови од околу 50 метри квадратни. И доколку некој мисли дека толку големи суми пари можат да понудат само странците се лаже, бидејќи 97 до 98 проценти од купувачите се македонски граѓани.
Сашо Нелоски
