Дополнителни финансиски средства поради одолговлекување на кризата
Одолговлекувањето на кризата прави притисок и создава потреба од дополнителни финансиски средства, вели министерот за финансии Бесими кој ги заврши пролетните средби во Вашингтон со препорака за пристап до линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ. Се бара финансиска поддршка за реализација на макроекономските политики. Но, опозициската ВМРО-ДПМНЕ предупреди, новите задолжувања ќе ја турнат земјава на колена…

Одолговлекувањето на енергетската и ценовната криза, како и конфликтот во Украина, прави притисок врз македонската економија. Цените на енергенсите и на храната создадоа потреба од дополнителни финансиски средства, вели министерот за финансии Бесими кој имаше средби со претставници на Светска Банка.
Се финализираат договорите за користење на инструментот Макрофинансиска поддршка од Европската Комисија и од ММФ. Владата од ММФ упати барање за користење на двегодишната линија за претпазливост и ликвидност, за средства коишто би ги добиле со камата од околу 1 процент.
„Владата на среден рок останува посветена на структурните реформи, забрзан економски раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Несомнено е дека економските последици од војната во Украина влијаат на проекциите и на истите е извршена надолна ревизија. Одолговлекувањето на кризата создава потреба од дополнителни финансиски средства“, се вели во соопштението од Финансии.
Опозицијата критикува – за само две години, Владата не задолжи со нови 1,6 милијарди евра, а задолжувањето ќе достигне историски 7,9 милијарди евра.
Според последните податоци на Министерството за финансии, заклучно со крајот на минатата година, јавниот долг на земјава изнесува над 7 милијарди евра или 60,8 проценти од БДП.
Викторија Милевска
