Блинкен и Остин во Киев разговараа со Зеленски
Војната во Украина влезе во третиот месец. Во посета на Киев американскиот државен секретар и секретарот за одбрана Блинкен и Остин. Најавена дополнителна финансиска помош што ќе ја зајакне одбраната на Украина...

Специјалната операција на руската армија во Украина влезе во 61. Ден. Американскиот државен секретар Блинкен му порача на украинскиот претседател Зеленски дека американските дипломати ќе се вратат во Украина. За време на состанокот во Киев Блинкен и секретарот за одбрана Остин најавиле повеќе од 322 милиона американски долари финансиска помош за одбрана на Украина.
„Гледаме дека кога станува збор за воените цели на Русија, Русија пропаѓа. Украина успева. Русија како нејзина главна цел се стреми целосно да ја потчини Украина, да и го одземе суверенитетот, да и ја одземе независноста. Не успеа во тоа. Се обиде да ја потврди моќта на својата војска и нејзината економија. Ние, се разбира, го гледаме токму спротивното“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
„Првиот чекор во победата е да веруваш дека можеш да победиш. Тие веруваат дека можат да победат. Ние веруваме дека тие можат да, ако имаат соодветна опрема и соодветна поддршка“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.
Украина и предложи на Русија преговори во близина на металуршкиот комплекс „Азовстал“ во Мариупол, последното упориште на украинските ветерани и цивили во пристанишниот град под контрола на Русија.
„Ситуацијата во Мариупол останува многу тешка. И покрај изјавите на највисокото воено и политичко раководство на Русија, непријателот таму продолжува да ги фокусира напорите во областа на одбраната. Непријателски авиони, авиони со долг дострел, стратешки бомбардери, непријателска артилерија ги концентрираат копнените сили за да се движат напред додека нашите бранители ја држат одбраната под неверојатно тешки околности“, изјави Олексиј Арестович, советник на украинскиот претседател.
Според генералштабот на вооружените сили на Украина руските сили продолжиле со ракетни и артилериски напади врз украинските позиции во областа кај Азовстал. Продолжува гранатирањето и на Харков. Руските сили спроведуваат офанзивни акции на истокот на Украина, со цел, воспоставување целосна контрола во регионите Доњецк и Луганск и обезбедување копнен коридор меѓу тие територии и Крим.
Марина Ристова
