Регион

Словенија по изборите

25.04.2022 12:37

Роберт Голоб и неговата партија движење за слобода се убедливи победници на парламентарните избори во Словенија. Голоб ќе ја формира наредната Влада во коалиција со помалите левичарски групи. Втора по добиени гласови е Словенечката демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша кој веќе го призна поразот...

Опозициската либерална партија убедливо победи на вчерашните парламентарни избори во Словенија. Според првичните официјални резултати, досегашниот премиер Јанез Јанша, кој беше обвинет дека ја турнал малата земја од Европската унија надесно додека бил на функцијата, претрпе убедлив пораз.

„ Му честитаме на релативниот победник на изборите. 10.000 гласа што отидоа на другата страна променија сè. Жалам што другите партии не коалицираа. Верувам дека резултатот би бил поинаков. Резултатот е таков каков што е и дава слика за голема излезност што ја поздравуваме. Подготвени сме да работиме за општото добро во Словенија, без разлика дали сме во власта или во опозиција“, изјави Јанез Јанша, лидер на Демократската партија и премиер.

Опозициското Движење за слобода освои речиси 34 отсто од гласовите, во споредба со околу 24 отсто на владејачката конзервативна Словенечка демократска партија, соопштија државните изборни власти по пребројувањето на над 97 отсто од гласачките ливчиња.

„Ваков одѕив на гласачите не сме имале 20 години и тоа говори се. Тоа ви кажува дека луѓето навистина сакаат промени, а луѓето ни веруваат како на единствените кои можеме да ги донесеме тие промени. И не заборавајте, надежта раѓа очекувања. А надежите ги раѓаат нашите одговорности. Но утре е нов ден, а утре ќе почнеме да работиме напорно за да ја оправдаме оваа доверба. Тоа е нашиот завет до сите што нè поддржаа“, изјави Роберт Голоб, претседател на Движењето Слобода.

Според резултатите партијата „Нова Словенија“ освои околу 7% од гласовите, Социјалдемократите над 6% и партијата Левица 4%. Резултатите покажуваат дека „Движењето за слобода“ ќе ја формира наредната Влада во коалиција со помалите левичарски групи. Како одраз на силниот интерес за изборите во недела, излезноста беше поголема од вообичаеното, околу 67 насто од 1,7 милиони гласачи во Словенија го дадоа својот глас, во споредба со 52 насто на изборите во 2018 година.

Свето Николовски