Пораз на Куманово, Левски на фајнал фор во БИБЛ Лигата
Македонскиот претставник ги заврши настапите во регионалното кошаркарско натпреварување, со гостински пораз (96:85) во 1/4 финалниот реванш, кај Левски во Софија.

Бугарскиот тим ја продолжува сезоната на завршниот турнир, а Кумановци ќе се сконцентрираат на нашата Супер лига и на дуелот со Работнички, во рамките на третото коло.
Куманово имаше шанса со три врзани тројки (Врањеш, Паран и Мандиќ), со кои што дојде и до предност во последниот период, да дојде во позиција да се надева на нешто повеќе на овој меч, со оглед на нершениот резултат на првиот натпревар во Македонија (74:74). Сепак квалитетот на домаќините дојде до израз и Левски рутински до крајот стигна до посакуваниот триумф и пласман во мечевите за титулата, што ќе се играат на 2 и на 4 мај.
Хит со 24 поени беше најдобриот стрелец на натпреварот, го следеа Чалмерс со 19, Џонс со 17, Захариев со 14 и Мајкл Вилкинсон со 11. Кај Куманово, Мишковиќ постигна 21 поен, Јанески имаше 14, Врањеш 13, Мандиќ 12, Димчевски 11 и последниот со двоцифрен учинок беше Паран со 10.
