Јокиќ не дозволи „метла“ за Денвер
Никола Јокиќ спречи метла, односно чистење или елиминација на неговата екипа по само 4 средби од серијата подобар од 7 и порача дека Денвер и порано бил отпишуван...

Никола Јокиќ спречи метла, односно чистење или елиминација на неговата екипа по само 4 средби од серијата подобар од 7 и порача дека Денвер и порано бил отпишуван. Со 37 поени, 8 скока и 6 асистенции,србинот придонесе во победата на екипата на Денвер над Голден Стејт со 126-121 и го намали водството на Вориорси на 3-1 во победи. Кај Голден Стејт најдобри беа Кари со 33 и Томсон со поен помалку.
Мајами немаше проблеми на гостувањето кај Атланта и славеше убедливо со 110-86 за водство со 3-1 и е на прагот на пласман во конференциското полуфинале. Атланта во чии редови предничеше Хантер со 24 поени успеа да ја добие само првата четвртина на домашен паркет, по што Мајами ја презеде контролата и без проблеми финишира до третата победа, предводен од Батлер со 36 поени, 10 скока и 4 асистенции.
Неизвесно е на дуелот меѓу Њу Орлеанс и Феникс. Пеликаните ја искористија предноста на домашниот терен и славеа со 118-103 како резултат на одличната трета четвртина што ја добија со 35-23. Инграм беше најефикасниот поединец на натпреварот и во домашниот состав со 30 поени, помогнат од Валенциунас со 26 поени и 15 скока.
