Образование

СОНК И Владата се договорија за покачување на платите за 12 отсто

25.04.2022 20:32

12% покачување на сегашната плата најверојатно го прекина штрајкот на вработените во образованието...

12% покачување на сегашната плата најверојатно го прекина штрајкот на вработените во образованието. По три ипол часа разговори во Владата, претседателот на СОНК рече дека тоа бил максимумот за кој можеле да се договорат со државата, имајќи ги предвид околностите во кои се наоѓа. Сега е ред на членството кое до утревечер треба да одговори дали се согласува со понудата и од среда да почнат со работа.

Покачувањето ќе почне од јули па сè до завршувањето на ребалансот на буџетот. Министерката за труд и социјална политика, иако до пред некој ден беше децидна дека сè што е над 10% покачување на платите, би ја вовело државата во дополнителна инфлација, сега вели дека со ребалансот нема да има таков проблем.

Иако не знаеше колку точно ќе ја чини државата ваквото покачување на платите, министерот за образование изрази задоволство од постигнатиот договор.

СОНК го започна штрајкот на 11 април. Од самиот почеток имаа поддршка од Европската конфедерација на синдикати за образование, денеска и физички поддршка им даде директорката Сузан Флокен која присуствуваше на состанокот во Владата. Остана неодговорено дали на просветарите ќе им бидат платени во целост деновите поминати во штрајк или ќе им се исплатат само придонесите, како што тврдеше власта.

Катерина Топалова