Османи: Унијата да не чека нова војна за да ја придвижи евроинтеграцијата
Софија да има повеќе доверба во себе, ЕУ нема време за губење во одложување на меѓувладината конференција со двете земји, порача еврокомесарот Вархеји. Шефот на дипломатијата Османи побара Унијата да покаже лидерство. Бугарската министерка Генчовска изјави-секое пристапување мора да биде согласно со европските принципи. Форум ЕУ-Западен Балкан во Софија…

Ситуацијата со почетокот на преговори со ЕУ е непроменета. Сè уште чекаме да почнеме преговори, истакна министерот за надворешни Османи на форумот ЕУ-Балкан во Софија. Побара Унијата да не чека нова војна како во Украина за да ја придвижи евроинтеграцијата, да покаже лидерство и да почне преговори со Северна Македонија и со Албанија.
„Европската перспектива на Западниот Балкан е стара 20 години, и сега е крајно време за стабилноста и безбедноста на регионот, Унијата да се преземе стратешко водство со пристапните преговори. Она што го правиме сега ќе го вреднуваат идните генерации“, нагласи шефот на дипломатијата, Османи.
Бугарската министерка за надворешни, Генчовска повтори дека евроинтеграцијата на Западниот Балкан не е без услов. Одново укажа што очекува да се исполни пред Бугарија да даде зелено светло за почетокот на преговорите.
„Бугарија ја поддржува европската перспектива на сите шест земји од Западниот Балкан. Тоа е најдобар двигател кон демократско управување, пазарна економија во регионот. Секое пристапување кон ЕУ мора да биде согласно со европските принципи, вклучувајќи ги човековите права, добрососедството и изградбата на искрени партнерски односи“, нагласи бугарската министерка за надворешни, Теодора Генчовска.
Еврокомесарот за проширување Вархеји од Софија испрати порака до бугарските власти дека нивните барања можат да се исполнат за време на преговарачкиот процес. Вели, во јуни сите земји-членки на ЕУ мора да испорачаат и да почнат преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Не можам да го скријам големото разочарување зашто сè уште разговараме за ова прашање. Мислевме дека го решивме пред две години, но сега е повторно на маса. Сите земји-членки мора да веруваат во менувачката природа на проширувањето. И ова е пораката што ја носам повторно во Софија. Тука бев и пред две недели. И ќе доаѓам колку што е потребно за да се заврши ова до јуни. Бидејќи војната во Украина ни покажа дека немаме време за губење“, нагласи еврокомесарот Оливер Вахеји.
И претседателката на Европскиот парламент со порака дека мора да се најде начин да се забрза проширувањето со земјите од Западниот Балкан.
„Земјите од Западниот Балкан предолго тропаат на нашата врата. Мора да го вратиме процесот на проширување и да се направат искрени напори да се решат сите отворени билатерални прашања. Не можеме да додаваме критериуми. ЕУ мора да испорача што вети. Албанија и Северна Македонија ја исполнија својата работа за почеток на пристапните преговори, но и покрај одлуката на Европскиот совет, датумот за првите меѓувладини конференции сè уште не е одреден“, изјави Роберта Метцола, претседател на Европски парламент.
Поддршка за завршување на евроинтеграцијата на Западниот Балкан стигна и од НАТО, на форумот во Софија потврдија-тоа е услов за стабилноста на регионот и Европа.
Ирина Гелевска
