Украина

Зеленски: Победата на Украина е неизбежна

26.04.2022 13:02

„Кога ќе победиме, тоа ќе го почувствуваат сите. Кога ќе дојде мирот, сите ќе го видат. Но, за тоа да се случи, и да се случи побрзо, треба да не размислуваме кога и што ќе се случи. Мораме секој ден да размислуваме како престојот на окупаторите во нашата земја да го направиме уште понеподнослив“, изјавил украинскиот претседател Володимир Зеленски...

Рускиот министер за надворешни работи Лавров ја обвини Украина дека провоцира трета светска војна. Предупреди дека заканата од нуклеарен конфликт не би требала да се потцени. Рече дека НАТО е во своевидна војна со Русија зашто ја снабдува Украина со оружје.

„Русија прави многу за да спречи нуклеарна војна по секоја цена. Тоа е нашата клучна позиција, но ризикот сега е значителен. Не би сакал вештачки да ги зголемувам тие ризици, што многумина би го сакале. Опасноста е сериозна и реална. И не смееме да ја потцениме“, изјави Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија.

Го обвини Вашингтон за отсуство на дијалог. Русија потврди дека нападнала шест објекти во централна и западна Украина со цел да се блокира доставата на оружјето од западот.

Украинскиот претседател Зеленски во најновото обраќање рече дека победата на Украина е неизбежна, но дека е невозможно да се предвиди кога војната ќе заврши.

„Кога ќе победиме, тоа ќе го почувствуваат сите. Кога ќе дојде мирот, сите ќе го видат. Но, за тоа да се случи, и да се случи побрзо, треба да не размислуваме кога и што ќе се случи. Мораме секој ден да размислуваме како престојот на окупаторите во нашата земја да го направиме уште понеподнослив“, изјавил украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Руското министерство за одбрана објави дека уништило два украински системи за воздушна одбрана во близина на Харков.

„Два украински противвоздушни ракетни системи С-300, тактички ракетен фрлач „Точка-У“ и станица за електронско војување се уништени во близина на населбата Барвинкове“, рече Игор Конашенков – портпарол на министерството за одбрана на Русија.

„Мислам дека тоа го прават намерно, сето ова уништување на цивилната инфраструктура. Тие прават сè за да ги исплашат луѓето, да создадат паника“, вели украински војник.

Генералниот секретар на ОН Гутереш во Москва

Генералниот секретар на ОН, Гутереш, во посета на Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Претходно тој престојуваше во Анкара каде што се сретна со претседателот Ердоган. Според најавите в четврток во Киев треба да разговара со украинскиот претседател Зеленски и со министерот за надворешни работи Кулеба.

Во меѓувреме градоначалникот на Херсон денеска соопшти дека Русите ја презеле контролата врз Градското собрание.

Ерсон е единствениот поголем украински град што е окупиран од руските сили од почетокот на инвазијата.

 

Марина Ристова