Итна седница на Советот за безбедност на Молдавија
Придњестровје бара автономија, регионот е дел од земјата но е близу до Одеса и Украина. Барањата се слични на оние од Донбас.

Самопрогласениот независен молдавски регион Придњестровје го зголеми нивото на закана од тероризам поради опасност од вакви напади и проширување на конфликтот од Украина. Претседателката Маја Санду свика итна седница на Врховниот совет за безбедност поради експлозиите во кои беа уништени антени на радио-центарот преку кој се емитувало руско радио.
„Во последните недели имавме дојави за бомби во училишта и здравствени институции. Потоа се случија експлозиите во штабот на таканареченото Министерство за безбедност на Трансдњестар, па инцидентот на аеродромот во Тираспол и експлозијата на телекомуникациите во Мајак.
„Властите со внимание ги следат настаните. Нашата анализа покажува тензии меѓу различни сили во регионот кои сакаат дестабилизација. Врховниот совет за безбедност препорачува прво да се зголеми сообраќајната контрола, па да зачестат патролите и проверките на територијата на Република Молдавија и на границите. На крајот, да се подигне нивото на тревога за клучните инфраструктурни цели и за сите институции одговорни за јавниот ред и сигурноста“, изјави Маја Санду, претседателката на Молдавија.
Трансдњестар, познати како „Придњестровска молдавска република“ е покраина во Молдавија која функционира како непризната независна република. Киев изрази загриженост дека географската позиција може да се искористи како база за нови напади врз Украина.
„Се плашиме дека војната ќе стигне овде. Многумина велат дека непријателот нема да дојде, но којзнае што ќе се случи. Видовме што се случи во Буча.“
„Не можам ни да замислам такво нешто. Но логично е да се грижиме за таа опција. Не знаеме за што сè се способни.“
Минатата недела, руски воен офицер изјави дека целта во втората фаза на специјалната воена операција е преземање на целосна контрола врз јужна Украина и полесен пристап до Трансдњестар. Русија има свои трупи во оваа област уште од распаѓањето на Советскиот Сојуз.
Маја С. Филдишев
