Парите против историјата, Сити против Реал
Пет од седумте англиски титули, Манчестер Сити ги освои под ултра богатата арапска сопственичка структура, но дел од пехарите граѓаните сигурно би ги менувале за еден во фудбалската Лига на шампионите...

Пет од седумте англиски титули, Манчестер Сити ги освои под ултра богатата арапска сопственичка структура, но дел од пехарите граѓаните сигурно би ги менувале за еден во фудбалската Лига на шампионите. По минатогодишното финале, сити ќе се обиде вторпат по ред да се пласира во мечот за највредната европска клупска титула.. Но, според историјата нема потежок противник од Реал. Мадриѓани се рекордери со 13 титули, четири во последните осум сезони. Во 67-та елитна, Манчестер Сити и Реал Мадрид ќе се соочат во полуфиналето како пред шест години.
Во 2016-та Реал беше подобар од сити бидејќи дома славеше со 1:0, а во Манчестер одигра 0:0, па потоа ја освои титулата. Во вкупно шесте меѓусебни дуели во Лигата на шампионите, по уште два во осминафинале и во фаза по групи, билансот е израмнет, по две победи на секоја екипа и две нерешени со идентична гол разлика, 7:7.
Иако Гвардиола може да им се придружи на Анчелоти, Зидан и на Пејсли со по три елитни трофеи и против Реал има позитивен ефект, шпанскиот стратег ја потенцира големината на Реал изјавувајќи дека неговите фудбалери се уште учат во вакви врвни натпревари. Според Пеп историјата е важна, неа не може да ја промени, но мечот е пресметка на 11 против 11 и ќе решаваат фудбалерите, а не тој и Карло.
Анчелоти, пак, потсетува дека историјата многу му значи на Реал, таа им помага на фудбалерите да се развиваат, да ја спознаат тежината на дресот што го носат. За Реал полуфинале не е успех, изјави италијанскиот стручњак кој сигурно има план б доколку не можат да играат сите или некој од Алаба, Касемиро или Менди.
Кај Манчестер Сити ќе недостига суспендираниот Кансело, додека настапот на Вокер е неизвесен.
Во среда во второто полуфинале со пренoс на Македонската телевизија од 20.55 ќе играат шесткратниот шампион Ливерпул и Вилјареал којшто вторпат е во големата елитна четворка.
