Украина

Војната продолжува, Москва и Киев не се откажуваат од разговорите

27.04.2022 09:32

Донбас цел на руската војска. Војната со Русија би можела да трае до крајот на годината, прогнозира советникот на Зеленски. Сепак, Москва и Киев не се откажуваат од разговорите за прекин на конфликтот …

Жестоки битки во Донбас. Областа е под силен оган уште од почетокот на руско-украинската војна. Во третиот месец и втората етапа од судирот, силите под команда на Москва се фокусираат на јужниот и источниот дел на Украина.

„Ги евакуиравме сите, дури и тие што не сакаа да заминат. Ги убедивме.“

„На наша земја сме. За нас нема враќање, но повеќето од руските војници не разбираат што прават овде. Да имаа мозок, ќе сфатеа дека се убијци и окупатори.“

Втората фаза од руската операција насочена и кон воспоставување на полесен пристап до Придњестровје во Молдавија. Во овој дел се случија експлозии при што беше уништен радио-центар кој емитувал руско радио.

„Јасно ни е дека е ова еден од чекорите на Русија. Специјалните сили оперираат таму, не се лажни вести. Причината е јасна. Дестабилизација на ситуацијата во регионот. Руските трупи кои се стационирани во окупираните делови на Молдавија, особено во Трансдњестар се во борбена готовност и чекаат наредба“, изјави украинскиот претседател Зеленски.

Средбата на рускиот државен врв со генералниот секретар на ОН во Москва без значителен напредок во обидите за мировно решение. Претседателот Путин се согласил на начелен договор за евакуација на цивилите од фабриката „Азовстал“ во Мариупол каде што, според украинските власти, е откриена нова масовна гробница.

„Убеден сум дека што побрзо заврши војната, толку подобро ќе биде и за народот на Украина, и за народот на Руската федерација, и за сите наоколу“, рече Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

Москва повтори дека е за решение преку преговори, но го обвини Киев за попречување на процесот со провокации и масовно вооружување од странските земји.

„За жал, откако покажавме намера да создадеме поволни услови за продолжување на преговорите, се соочивме со провокација во Буча што немаше никаква врска со руската војска“, нагласи рускиот претседател Путин.

„Ако ова продолжи, тешко дека преговорите ќе дадат резултат, но повторувам дека ние сме за решение преку преговори“, рече шефот на руската дипломатија, Лавров.

Паралелно со московските состаноци, во американската база Рамштајн, Германија, членките на НАТО се договорија да ја доопремат со оружје војската на Украина. Парична помош за поправка на штетата во Чернобил предизвикана од руската окупација вети шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Во меѓувреме, Киев почна да се ослободува од историските потсетници на односите со Русија. Во украинската престолнина отстранет Споменикот на народното пријателство дониран од советската влада во 1982 година.

„Требаше да ја тргнеме уште пред 30 години. Но добро е и сега. Подобро подоцна отколку никогаш.“

„Во советските времиња овој споменик беше симбол на тоталитаризмот.“

Во конфликт кој почна на крајот на февруари загинаа илјадници лица. Бројот на бегалци надмина пет милиони.

Маја С. Филдишев