Стопирана испораката на гас за Бугарија и Полска
Руски „Гаспром“ ја стопира испораката за Бугарија и Полска бидејќи не извршиле плаќање во рубли. Претседателот Петков, чекорот го оцени како грубо кршење на договорот и уцена. Властите во Варшава тврдат дека нема место за паника, бидејќи земјата има доволно резерви...

Руски „Гаспром“ ја стопира испораката за Бугарија и Полска бидејќи не извршиле плаќање во рубли. Властите во Софија тврдат дека тие целосно ги исполниле своите обврски и плаќања кон Русија, согласно постоечкиот договор кој истекува во декември годинава, но и покрај тоа добиле известување дека ќе бидат суспендирани.
Претседателот Петков, чекорот го оцени како грубо кршење на договорот и уцена.
„Бугарската влада е подготвена за ова сценарио. Нема да има намалување на снабдувањето со гас на потрошувачите. Имаме план за алтернативни извори. Исклучениот гас од „Газпром“ е изнуда и уцена за користење на недоговорен план за плаќање во рубли. Нема да подлегнеме на таков рекет. Во последните четири месеци се фокусиравме на гасното поврзување со Грција. Утрово разговарав со премиерот Мицотакис. Тој потврди дека сè се одвива според планот. Во јуни ќе биде готова и физичката имплементација на оваа врска“, изјави Кирил Петков – премиер на Бугарија.
И властите во Варшава тврдат дека нема место за паника, бидејќи земјата има доволно резерви.
„Од првиот ден на војната пренесовме дека сме подготвени за целосна независност од фосилните горива на Русија. Последните години и нашите интензивни акции и инвестициска политика создадоа можности за диверзификација и ни овозможија да се чувствуваме безбедно“, изјави Ана Москва – министерка за животна средина на Полска.
Реакции пристигнаа и од полскиот енергетски провајдер кој соопшти дека намалувањето на испораките на гас е прекршување на договорот и дека ќе ги искористи сите расположливи договорни и правни средства да бара компензација. Бугарија и Полска се првите членки на Унијата кои останаа без руски гас.
За претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен едностраното прекршување на договорот е проблем на целата ЕУ и одговорот ќе биде заеднички. „Гаспром“ одлуката ја оправдува со новите правила според кои непријателските земји мора да плаќаат во рубли.
Бојана Крстевски
