Македонија

Ковачевски- Верхеји: Потврдена поддршката за македонските интеграции

27.04.2022 13:43

Еврокомесарот за проширување Вархеји, од Софија пристигна во Скопје. На средбата со премиерот Ковачевски, уште еднаш потврдена поддршката за македонските евроинтеграции. Министерот за надворешни, Османи, за БТВ пак, одговори зошто отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола е провокација и навреда за нашите граѓани…

Еврокомесарот за проширување Вархеји по Софија, пристигна во Скопје. Премиерот Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Маричиќ му укажале на еврокомесарот дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите, а во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, што не е во полза на двете страни. Ковачевски нагласил дека останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на почит и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и дека очекува односи на оваа база.

„Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.

„Посветени сме да продолжиме со нашите напори за почеток на преговорите пред крајот на француското претседателство во ова клучно време. Северна Македонија е дел од Европа. Нема време за губење за забрзување на процедурите“, напиша на Твитер Вархеји, по средбата со Ковачевски.

Вархеји со бугарскиот премиер Петков имал отворени разговори за идните чекори што ќе доведат до одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија.

Сè уште има разлики во разговорите со Бугарија, но единствен начин да се стигне до решение со Бугарија за отстранување на ветото е преку разговори, изјави шефот на дипломатијата Османи во интервју за БТВ. Оценува дека отворањето на бугарскиот клуб во Битола предизвика намалување на довербата меѓу двете земји, повторувајќи дека провокација е името Ванчо Михајлов, а не организирањето на бугарите во Македонија.

„Кога ќе влезете во културниот центар има голема плоча со цитат на Ванчо Михајлов, кој вели: напорите на таканаречените Македонци да го лажат светот останаа напразни. Ова е голема навреда за нашите граѓани, за луѓето кои ги застапувам. Ова се смета за провокација во нашата држава. Не мислам дека бугарските политичари коишто дојдоа во Битола дојдоа поради овој цитат, но така се интерпретираа пораките и ги налутија луѓето“, изјава Бујар Османи - министер за надворешни работи.

Османи оценува дека ако не се постигне договор со Софија за отстранување на ветото за преговори со ЕУ за еден месец, потоа спорот ќе стане замрзнат долги години, што ќе има последици за меѓусебните односи, политичката ситуација во Македонија и за регионалните можности.

Ирина Гелевска