Образование

Наставниците продолжуваат со штрајкот, Шаќири бара директорите да ја организираат наставата

27.04.2022 14:14

Наставниците продолжуваат со штрајкот. Мнозинството членови на СОНК не го прифаќаат владиниот предлог за зголемување од 12 проценти на платите. Министерот Шаќири бара директорите да ја организираат наставата. Од СОНК обвинуваат за притисоци…

По одлуката на СОНК и апелот од министерот Шаќири дека директорите треба да ги отворат училиштата, учениците збунети дали треба да дојдат на настава. Најголемиот дел од основните и средни училишта во Скопје останаа празни. Наставниците штрајкуваа.

„Идеме само кај тие професори што не штрајкуваат, они си одржуваат нормални часови, идеме само за два час. Пола од децата идат, други не одат“, велат средношколци за МТВ.

Од СОНК обвинуваат за притисоци, но не губат надеж дека разликите ќе се надминат со нова средба. Оттаму реагираа дека се барало од одделенските раководители да им пишуваат изостаноци на учениците кои нема да се појават на настава, иако нивните одделенски раководители се во штрајк.

„Одделенските раководители да ги повикаат учениците, во спротивно ако не дојдат во училиште, дека ќе им бидат пишувани изостаноци, коишто ќе бидат регистрирани како неоправдани. Оној што запишува ученик е наставник, а тие во моментов штрајкуваат, не знам како би го извеле тоа, а оној кој проценува дали изостанокот е оправдан или не е одделенскиот раководител“, вели за МТВ регионалниот претседател на СОНК, Лена Спасеновска Поповска.

Министерот Шаќири со јасен став треба да се престане со губење на настава, а штрајкот да не се продлабочува. До директорите упати апел дека имаат надлежност и одговорност за непостапување доколку не ги отворат училиштата.

Политичките партии со различни ставови за штрајкот. Од СДСМ сметаат дека раководството на СОНК се служи со уцена, на штета на учениците и наставниот процес, додека ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка за барањата за наставниците.

„Владата доколку вистински сакаше да најде решение за барањата на просветниот кадар тоа можеше да го направи уште пред почетокот на штрајкот. Така немаше да има прекин во образовниот процес и немаше да биде на штета на децата. Доколку владата навистина сакаше образованието да биде организиран и постојан процес на унапредување, немаше да го претвори во ресор на експерименти“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

„Себично, недозволиво и неодговорно е учениците десет дена да бидат надвор од училишните клупи само заради лични политички агенди на поединци од раководството на СОНК. Правото на децата за образование е уставно загарантирано и не смее да се дозволи некој заради политичка агенда да им го загрозува“, изјави Санела Шкријељ од СДСМ.

Ова е трета недела како членството на СОНК е во штрајк, откако Синдикатот ја одби понудата на Владата за покачување на платите во образованието за 12 насто.

Викторија Милевска