Пет години од собраниските настани на 27-ми април
Пет години од собраниските настани на 27-ми април. Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и патриотскиот институт „Гоце Делчев“ на протест пред прилепскиот затвор. Побараа укинување на пресудите и ново судење. За СДСМ ова бил најлошиот ден во македонската демократија...

Пет години после 27-ми април имаме обврска да не дозволиме никогаш повеќе да се повтори крвавиот четврток. А нема да се повтори, само ако сите политички субјекти суштински, се обединат зад демократските вредности, велат од СДСМ.
Борбата за правда и слобода за неправедно осудените ќе продолжи сè до исправање на нанесените неправди. Слобода на политичките затвореници во земјава и поддршка за уставобранителите побараа од патриотскиот институт „Гоце Делчев“ и од Унијата на ветераните на ВМРО-ДПМНЕ на протестот пред затворот во Прилеп каде дел од осудените за собраниските настани, ја отслужуваат казната.
Од еден режим излеговме во друг хибриден влеговме, велат од Алијанса за Албанците.
За министерот Оливер Спасовски, полицијата пред пет години не реагирала соодветно, но сега таа е реформирана. Тие што влегоа во Собранието имаа за цел да убијат пратеници, вели Спасовски.
По настаните на 27-ми април, 16 лица се осудени на 188 години затворска казна, додека 15-мина беа амнестирани, меѓу нив и пратеници и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“. Оперскиот пејач Игор Дурловски доби ослободителна пресуда.
Миле Ристески
