Североисточен регион: Штрајкот заврши само за средното училиште „Киро Бурназ“
Штрајкот на наставниците во североистокот продолжува. Од денеска на работа се враќаат само вработените во државното средно училиште „Киро Бурназ“. Во шесте општини од североисточниот регион од почетокот не штрајкуваа само градинка од Кратово и основно училиште од Крива Паланка. Од регионалниот синдикат информираат дека градинките го следат примерот на ниво на земјава и тие штрајкот го ставаат во мирување…

Продолжува штрајкот во основните и средните училишта во североистокот. Наставниците во шесте општини во североисточниот регион не ја прифатија понудата на Владата и остануваат на своите барања. Од регионалниот Синдикат за образование, наука и култура информираат дека штрајкот го прекинуваат, односно на работа се враќаат само вработените од државното средното училиште „Киро Бурназ“ во Куманово. Од почеток не штрајкуваат и градинката „Царка Андреевска“ од Кратово и основното училиште „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка. Останатите училишта односно 34 синдикални организации од Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Кратово, Крива Паланка, и Ранковце, се во штрајк. Од СОНК дополнуваат дека дел од вработените во „Киро Бурназ“ дале писмени изјави дека штрајкот завршува.
„Како ќе се одвива наставата во тоа државно средно училиште не знам на состанокот, бев известен од претседателот на синдикалната организација ќе има состанок со членовите кои се во штрајк и ќе донесат одлука. Им рековме дека ги разбираме и нив и состојбата во која се и дека нема да има забелешки доколку го прекинат штрајкот, но и доколку продолжат да штрајкуваат“, изјави Никола Стојмановски, претседател на СОНК-североисточен регион.
Наставниците за Македонската телевизија велат дека остануваат на своите барања. Тие се надеваат дека наскоро ќе се најде решение и наставата ќе продолжи.
„Ние само ги бараме нашите права кои претходно со претходниот колективен договор воопшто не ги исполнуваа. Наназад пред можеби 7-8 години покачување на платата била а нашата не се покачуваше“, вели Зоран Ѓорѓиевски, претседател на СО гимназија „Гоце Делчев“-Куманово.
„Изгласавме дека сме против овие понуди на владата, остануваме до исполнување на нашите барања“, додава д-р Милена Илиќ Пешиќ, претседател на СО, ОУ „Браќа Миладиновци“-Куманово.
Штрајкот во градинките од североистокот е ставен во мирување, и се чека на исполнување на ветувањата на Владата. Таму и покрај штрајкот се згрижуваа децата.
Елена Георгиевска
