Секој трет жител на Штип страда од алергии
Алармантно. Секој трет жител на Штип страда од алергии кои не се само пролетни болести. Ако до пред неколку години поленот беше главниот причинител, денес многу фактори влијаат на порастот на бројот на заболените. Само во источниот регион ги има над 50 илјади...

Секој трет жител на Штип и Штипско страда од некаков облик на алергија. Само пред 5 години, со алергиски проблеми биле 14 отсто од населението, додека сега тој процент изнесува дури 30.
„Во последно време најизразени се т.н. житни алергии, но она што загрижува е фактот што веќе не зборуваме само за т.н. пролетни алергии, туку за целосезонски алергии кои се присутни во текот на целата година“, вели д-р Влатко Миташев, оториноларинголог.
Кои се причините за олку голем пораст на алергиите?
„Зрачењето, атмосферските промени, начинот на исхрана и стресот“, вели д-р Миташев.
Алергиските реакции, особено силни се во пролет кога пациентите имаат најголеми проблеми.
„Имам покачена температура, чешање, малаксан сум. бев на испитување и во Скопје, но причината не се откри“, вели Јован Донев.
Дали и како пациентите можат да се заштитат од алергиите?
„Најважно е да се избегнува причината за алергија. Ако тоа, како сега во пролет, е поленовиот прав, треба да се избегнува шетање на отворено и проветрување на просториите“, вели д-р Страхил Газепов, офталмолог.
Инаку, на ниво на Источен регион се претпоставува дека бројот на пациенти со алергии е околу 50.000 жители.
Оливера Жежова
