Енергетска криза

Реакции за запрената испорака на гас

27.04.2022 15:39

Жестоки реакции по запирањето на рускиот гас за Бугарија и Полска оти не плаќале во рубли. Софија и Варшава обвинуваат за уцена и прекршување на договорите, Москва негира, Брисел се закани со заеднички одговор...

Руски „Гаспром“ ја стопира испораката на гас за Бугарија и Полска, бидејќи не извршиле плаќање во рубли. Бугарскиот премиер Петков, чекорот го оцени како грубо кршење на договорот и уцена.

Бугарската влада е подготвена за ова сценарио. Нема да има намалување на снабдувањето со гас на потрошувачите. Имаме план за алтернативни извори. Нема да подлегнеме на таков рекет. Последните четири месеци се фокусиравме на гасното поврзување со грција. Сѐ се одвива по планот. Во јуни ќе биде готова и физичката имплементација на оваа врска“, вели бугарскиот премиер, Кирил Петков.

Од Софија тврдат дека целосно ги исполниле обврските од договорот, но и покрај тоа добиле известување дека ќе бидат суспендирани. Соопштија дека остануваат отворени да им помогнат на соседите.

Бугарската страна целосно ги исполни своите обврски и навремено, согласно договорот ги изврши сите плаќања. Очигледно, гасот се користи како политичка и економска алатка во условите на тековната војна, а не во смисла на правен и трговски однос. Бугарија не е Русија. Остануваме отворени да им помогнеме на нашите соседни земји“, рече Александар Николов, бугарски министер за енергетика.

Властите во Варшава подготвени за целосна независност. Имаат доволно резерви.

„Од првиот ден на војната пренесовме дека сме подготвени за целосна независност од фосилните горива на Русија. Последните години и нашите интензивни акции и инвестициска политика создадоа можности за диверзификација и ни овозможија да се чувствуваме безбедно“, изјави Ана Москва, министерка за животна средина на Полска.

Германија анализира. Доколку запре руското снабдување со енергија, земјата би почувствувала значајна рецесија.

Тоа би значело намалување од 5 проценти на германското економско производство од основното сценарио, така што во основа значи значителна рецесија. Овој ризик е секако реален. Мора да бидеме подготвени за тоа“, изјави Кристијан Севинг, извршен директор на Дојче Банк.

Бугарија и Полска се првите членки на Унијата кои останаа без руски гас. За претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен едностраното прекршување на договорот е проблем на целата ЕУ и одговорот ќе биде заеднички.

„Гаспром“ одлуката ја оправдува со новите правила според кои непријателските земји мора да плаќаат во рубли.

 

Бојана Крстевски