Воен конфликт

Путин: Ќе бидат постигнати сите цели на Русија

27.04.2022 18:39

Во третиот месец и втората етапа од судирот, силите под команда на Москва се фокусираат на јужниот и источниот дел на Украина...

Рускиот претседател Путин пред Парламентот вети дека сите цели на, како што Москва ја нарекува, специјалната воена операција во Украина ќе бидат остварени. Според него, тоа ќе ја гарантира безбедноста на жителите на Донбас и на Крим.

„Сакам повторно да нагласам дека сите задачи од специјалната воена операција што ја спроведуваме во Донбас и Украина, која почна на 24 февруари, ќе бидат безусловно исполнети за да се гарантира мирот и безбедноста за жителите на Народните Републики на Доњецк и Луганск, руски Крим и целата наша земја“, изјави Владимир Путин.

Путин истакна и дека Русија брзо ќе им се одмазди на сите земји кои ќе се обидат да се вмешаат во конфликтот.

Украина, пак, соопшти дека ги нападнала руските војници на змискиот остров на Црното Море. Во меѓувреме, експлозии во магацин за муниција кај рускиот град Белгород. Жестоки битки во Донбас.

„На наша земја сме. За нас нема враќање, но повеќето од руските војници не разбираат што прават овде. Да имаа мозок, ќе сфатеа дека се убијци и окупатори“, рече војник.

Во третиот месец и втората етапа од судирот, силите под команда на Москва се фокусираат на јужниот и источниот дел на Украина.

Марина Ристова