30% повеќе апликации за субвенционирано вработување во Тетово

09.04.2014 09:46

Во Тетово се потпишани договори со 8 фирми за 11 вработувања, во рамки на проектот за субвенционирано вработување. 11 поединци пак добија кредит за самовработување. Годинава бројката на поднесените апликации е поголема за 30 насто

Потпишани 19 договори за субвенционирано вработување во Тетово. Оваа година огласите на Агенцијата опфаќаат две мерки за субвенционирање на вработувањето.

„Првата мерка е субвенционирано вработување на постојни фирми. Денеска ќе потпишеме договори со 8 фирми за 11 вработувања. Во втората мерка од оперативниот план, самовработување со кредитирање, од 25 апликанти во првиот одглас од 2014 година, има 11 добитни лица кои веќе ќе отворат нови фирми. Сите тие ќе добијат парични средства во висина од 185 илјади денари од деловните банки“, вели Томислав Трифуноски – Раководител на Агенција за вработување Тетово.

Се поголем е бројот на успешно реализирани субвенционирани вработувања, а квалитетот на апликантите се подобрува, велат од Агенцијата. Од таму се надеваат дека по појавувањето на пазарот како нови субјекти, ќе ги користат и другите мерки за проширување на бизнисот.

„Отварањето сопствен бизнис не значи само обврска, туку и привилегија, реализирање на сопствена идеја која можеби до сеа не се осмелиле да ја реализираат, бидејќи стравот од непознато е голем кај нив. Но јас еве и во оваа прилика ги охрабрувам да се осмелат, да земат кредит или грант, да отворат сопствен бизнис, да се прошират и да ја реализираат својата идеја, за да не бидат зависни од други работодавачи“, изјави Влатко Поповски – Директор на Агенција за вработување на Р. Македонија.

Оваа година бројката на поднесени апликации е поголема за 30 насто.

 

Зоран Јовановски