Жестоки борби во Мариупол
Продолжуваат борбите во Мариупол. Русија со закана дека ќе биде спроведено планираното сценарио, Украина се обидува да го запре напредувањето на руската армија…

64 ден од војната во Украина. Најжестоките борби се водат во Мариупол околу „Азовстал“. Обединетите Нации подготвуваат евакуација на цивилите од фабриката. Вооружени пресметки и во Херсон. Украинските војници во Доњецк оптимисти за крајниот исход од фронтот на истокот. По неуспешниот поход кон Киев каде што се соочи со отпор, Москва ја пренасочи операцијата кон јужниот и источниот дел на Украина.
„Силата не е во тенкот, туку во народот. Ние сме народот, нашата опрема е полоша од нивната, но се бориме.“
„Кога ќе имаме можност, се бориме против непријателот, постојано го запираме неговото продирање. Може да се случи се, со загуби, за жал некогаш имаме и загуби.“
„Не извршивме инвазија на нивна територија, тие дојдоа кај нас и моравме да се браниме. Нема друго објаснување.“
Паралелно со битките на фронтот продолжуваат и пресметките на економски план.
„Русија ја почна новата рунда уцени на Европа со енергетиката. Одлуката да се запре испораката за Полска и Бугарија е уште еден аргумент кој докажува дека никој во Европа не може да се надева на нормална економска соработка со Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Шефот на Кремљ, Путин убеден дека до крај ќе се спроведе планираното. Се закани со моментална реакција доколку некој од страна се обиде да интервенира.
„Сите задачи на специјалната воена операција во Донбас и Украина која почна на 24 февруари ќе бидат безусловно исполнети за да се гарантираат мирот и сигурноста во историска перспектива за жителите на народните републики Доњецк и Луганск, рускиот Крим и целата земја“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
По Москва, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денес во посета на Украина.
Маја С. Филдишев
