Европска недела на имунизација
Оваа година, Европската недела на имунизација ги истакнува историските постигнувања на вакцинацијата, вклучувајќи го и напредокот кон глобалната ерадикација на полиото и регионалната елиминација на малите сипаници и рубеолата...

Европската недела на имунизација, што секоја година традиционално се одбележува од 24-ти до 30-ти април, е поволен момент да размислиме за важноста на вакцинацијата, како еден од темелите на функционален јавно здравствен систем, информираат од Министерството за здравство.
Оваа година, Европската недела на имунизација ги истакнува историските постигнувања на вакцинацијата, вклучувајќи го и напредокот кон глобалната ерадикација на полиото и регионалната елиминација на малите сипаници и рубеолата, како и потенцијалите за уште поголеми достигнувања, како на пример ставањето под контрола на Хепатит Б и елиминацијата на ракот на грлото на матката. Спасените стотици илјади животи преку вакцинацијата против Ковид-19 и тоа само во европскиот регион на СЗО – се исто така причина за прослава.
„Нема сомневање дека имунизацијата придонесува за здраво население. Додека работевме на заштита на нашето население од Ковид-19, опфатот со редовните вакцини падна под оптималното ниво. Нашата тенденција е да го постигнеме препорачаниот опфат од 95 проценти, за таа цел во соработка со здравствените домови почнуваме со засилена теренска работа за повикување на пропуштените деца за вакцинација. Треба да се искористи секоја можност за вакцинирање на децата и возрасните, согласно Календарот за редовна имунизација“, изјави д-р Беким Сали, министер за здравство.
Пандемијата на Ковид-19 погоди многу земји ширум светот, а последици се почувствуваа, меѓу другото и во областа на имунизацијата. Во Северна Македонија, СЗО и УНИЦЕФ соработуваа со здравствените власти на државата и партнерите на спроведување вакцинација против Ковид-19 во сите делови од државата и за сите групи од населението. До денес, 46,5 % од граѓаните на Северна Македонија имаат примено две дози вакцини против Ковид-19, а само 8,4% имаат примено и трета доза.
