Воен конфликт

Гутереш во Украина: Војната е апсурд на 21 век

28.04.2022 12:47

Војната е апсурд, изјави генералниот секретар на светската организација Гутереш по посетата на Украина. Борбите околу Мариупол и Харков продолжуваат со несмалена жестина …

„Војната е зло, војната е апсурд на 21 век“ – порача генералниот секретар на ОН. По московските средби со рускиот државен врв, Антонио Гутереш во посета на Украина.

„Оваа ужасна глетка нè потсетува колку е важно да се спроведе истрага и да се има одговорност. Задоволен сум што Меѓународниот кривичен суд ја согледа ситуацијата, обвинителите веќе беа овде. Целосно го поддржувам Судот и ја повикувам Руската Федерација да соработува“, изјави генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.

Заканите од рускиот претседател Путин за брз одговор при интервенција во Украина не ги премислија западните земји во однос на поддршката за Киев. Се подготвуваат нови пратки со оружје.

„Светот требаше да направи повеќе за да ја спречи инвазијата, и ние веќе нема да ја повториме истата грешка. Време е за храброст, не за претпазливост. Мора да сме сигурни дека покрај Украина, земјите на Западен Балкан, Молдавија и Грузија ќе имаат капацитет да си ги зачуваат слободата и суверенитетот“, рече Лиз Трас, британска министерска за надворешни работи.

Битките и натаму не запираат, најжестоките се водат во Мариупол и Херсон, но и во други делови од јужниот и источниот регион. Руското министерство за одбрана и денес со статистика за успесите на терен.

„Противракетни системи спречија украински проектил врз Изјум, Харков. Целта била болница со руски медицински персонал кој им помага на жителите на регионот на Харков“, вели Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Украинските војници во Доњецк оптимисти за крајниот исход.

„Силата не е во тенкот, туку во народот. Ние сме народот, нашата опрема е полоша од нивната, но се бориме.“

„Не извршивме инвазија на нивна територија, тие дојдоа кај нас и моравме да се браниме. Нема друго објаснување.“

Заладените односи се префрлија и во вселената. Тројца астронаути од НАСА и еден од Европската вселенска агенција пристигнаа на Меѓународната станица, но, според „Ројтерс“, тие не биле пречекани од руските колеги.

Маја С. Филдишев