Енергетска криза

Бугарија под притисок откако „Гаспром“ го прекина снабдувањето

28.04.2022 12:58

„Гаспром“ ја прекина испораката на гас кон Бугарија и Полска. Официјална Софија забрзано го подготвува интерконекторот кон Грција кој ќе биде тестиран на почетокот на јули. Вашингтон најави дополнителни испораки на гас за да ја намали Европа зависноста од рускиот гас...

Бугарија е под притисок по последната одлука на Москва да го прекине снабдувањето на природен гас. Засега нема рестрикции во земјата и се бараат решенија за одржување на состојбата под контрола. Делегација од Софија замина за Брисел на разговори во европската комисија. Во меѓувреме, забрзано се работи на конструкцијата на интерконекторот, што според властите во Софија е веќе 92 насто завршен. Изградбата треба да биде готова до крајот на јуни, а тестирањето да почне во јули.

„На двете страни има застој во работата, но има и напредок. Правиот дел од гасоводот е готов во обете држави, цевките се поставени и наполнети, направена е неопходната контрола. Останува хидро-тестирањето на гасната мерна станица во стара Загора и онаа во Комотини“, вели Теодора Георгиева - извршен директор на проектната компанија за интерконекторот од Бугарија.

Грција веќе понуди да му плати на Газпром и да и помогне на Бугарија. Од Белата куќа велат дека потегот на Русија бил предвидлив и дека сад веќе работи со европските сојузници на оваа проблематика.

„Претседателот формира работна група со ЕУ за да одреди дополнителни количини кои со текот на времето ќе го заменат рускиот гас за Европа, да се намали зависноста од Русија и способноста на Путин да користи енергија за да ја уценува Европа. Работиме на решавање на долг рок“, вели Џен Псаки - портпаролка на Белата куќа.

И шефот на европската дипломатија вели дека руските активности само ја забрзуваат одлуката на Унијата што поскоро да стане независна.

„Знаевме дека мораме да ја намалиме зависноста од рускиот гас и нафта. Последната одлука на Русија нема да направи ништо освен што ќе ја забрза Европа да премине на употребата на зелени енергии кои не создаваат зависности и не и наштетуваат на климата“, Жозеф Борел - висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Москва ја прекина испораката на гас за Полска и Бугарија, бидејќи не платиле во рубли. Одлуката ја оправдува поради, како што вели, невидени непријателски дејствија против Русија. Во меѓувреме јужнокорејската влада реши да пренасочи дел од сопствените резерви на течен гас кон Европа.

 

Бојана Крстевски