Куманово: Наставниците поделени во „Киро Бурназ“
Во државното средно училиште „Киро Бурназ“ во Куманово од вчера започна наставата. Поголем дел од вработените го прекинаа штрајкот. Оние коишто продолжија информираат дека настава речиси и не се реализира поради малиот број на ученици. Директорката пак спротивно на нив тврди 50 отсто од учениците се присутни. Регионалниот СОНК алармира и за притисоци во останатите установи.

Поголем дел од наставниците од државното средно училиште „Киро Бурназ“ од Куманово се вратија на своите работни места. Помал дел штрајкуваат, но укажуваат дека настава речиси и не се реализира. Според нив во училишните клупи се вратиле само 15-ина ученици. Притисок велат нема, но има поделеност меѓу колегите.
„Наставата се спроведува десеткувано, има ученици доаѓаат повикувани се од класните раководители но не со полн капацитет. Има една непријатна атмосфера меѓу колегите затоа што оваа поделеност не е природна. Некој сега оди на настава со ниту едно остварено барање“, вели Горан Јовановиќ, претседател на штрајкувачки одбор при ДСУ Киро Бурназ Куманово.
Директорката пак спротивно на нив, вели присутни се повеќе од 50 отсто од учениците и таа бројка постојано се зголемува.
„Од вкупно 106 вработени, само 15 го поддржуваат штрајкот. Изнаоѓаме начин наставата да ја организираме да тече непречено. Учениците и родителите се известени за прекин на штрајкот, и има организиран превоз, но спроведуваме и online настава“, истакна Весна Трајковска, директор на ДСУ РЦСОО „Киро Бурназ“ Куманово.
Од регионалниот СОНК информираат дека на оние што спротивно на одлуката на синдикатот одлучиле да го прекинат штрајкот, ќе им биде укинато членството. Информираат и за притисоци врз директорите во основните и средни училишта.
„Им се јавувале од кабинетот на министерот каде што им е наредено усно да направат платни списоци за оние коишто штрајкуваат и оние коишто не штрајкуваат, дека ќе се исплати најниска стапка за придонеси за членовите на СОНК кои се во штрајк и да се одбијат дневници за деновите поминати во штрајк“, посочи Никола Стојмановски, претседател на регионален СОНК за североисток.
Од СОНК посочуваат и дека во училиштата не смее да се спроведува упис на првачиња, бидејќи согласно законот тие се запишуваат со комисија, која во случај на штрајк не се заменува со друга. Во североистокот штрајкот продолжува во речиси сите основни и средни училишта. Покрај Киро Бурназ не штрајкуваат само основно училиште од Крива Паланка. Во градинките штрајкот е во мирување.
Елена Георгиевска
