НБРМ - ЕИБ

Не се предвидува рецесија, туку забавување на економскиот раст

28.04.2022 14:53

Поради справување со актуелните предизвици не треба да се чекаат структурните реформи, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска. Меѓународните институции не предвидуваат рецесија, туку забавување на економскиот раст, а тоа ќе се одрази и на домашната економија. Лани Европската инвестициска банка стави на располагање 257 милиони евра за поддршка на декарбонизацијата во регионот. Високо на агендата треба да се најде и земјоделското производство…

Меѓународните институции не предвидуваат рецесија, само забавување на економскиот раст, а тоа ќе се одрази и во домашната економија, вели гувернерката на Народната банка Ангеловска – Бежоска. И со најновите проекции се очекува раст, а справувањето со тековните предизвици не треба да ги стави на чекање структурните реформи. Според гувернерката во втората половина на март има позначајно стабилизирање на депозитната база, а не постојат и пречки за плаќање на рускиот гас во рубли.

„Ако видовме притисоци од страна на побарувачката се разбирара дека и досега ќе реагиравме со основната каматна стапка. Но, не заборавивме ние и претходно реагиравме со задолжителната резерва, а впрочем реагираме и со другите инструменти кои ги имаме на располагање и со кои влијаеме на ликвидноста банкарскиот систем. И оваа одлука за зголемување на каматната стапка којашто беше донесена во рамки на комитетот за монетарна и оперативна политика е повеќе превентивно делување и реакција на инфлациските очекувања кај коишто се гледа нагорно поместување“, изјави Анита Ангеловска – Бежоска, гувернер на НБРМ.

Пандемијата создаде итност за дигитализација, сегашната криза ја охрабрува зелената транзиција кон енергетска ефикасност. Минатата година ЕИБ стави на располагање 257 милиони евра за поддршка на декарбонизацијата во регионот. Високо на агендата треба да биде и земјоделското производство.

„Истовремено треба да го продискутираме и елементот на прехранбена сигурност односно сигурност на храната да дојде до нас. Земјоделскиот аспект односно земјоделската индустрија е нешто што може да биде погодено, но ние за решавање на овие проблеми ги имаме потребните инструменти и стратегии. Она што е потребно е да се види кои земји во голема мера зависат од увоз на прехранбени производи и да се види како да се стимулира самите тие земји да бидат производители на прехранбени производи“, вели Лилјана Павлова, потпретседател на Европската инвестициска банка.

Според Павлова во моментов се прави процена на ситуацијата со коридорот 8, се работи на проекти за пречистителни станици за отпадни води. 100 милиони евра се дадени во банката за развој во земјава за разни и инструменти и иновативни проекти за приватниот сектор.

Сунчица Николоска