Македонија

Охрид домаќин на Европскиот куп во параглајдинг

28.04.2022 14:53

Од утре до недела во Охрид ќе се одржи европскиот куп во параглајдинг-дисциплина прецизно слетување. На оваа спортска манифестација учество ќе земат педесетина натпреварувачи од повеќе земји, меѓу кои ќе бидат и најдобрите тројца во светски рамки.спортскиот настан е од големо значење за натпреварувачите но во исто време ќе претставува вистинска атракција за сите посетители кои ќе дојдат во Охрид во текот на продолжениот празничен викенд...

Во наредните три дена Охрид ќе биде домаќин на светската елита на параглајдеристи во дисциплината прецизно слетување.Во организација на охридскиот клуб „Флај Охрид“ и Воздухопловната федерација на Македонија за прв пат во овој наш крајезерски град ќе се одржи Европскиот куп кој е дел од Европската лига,што можеби ќе биде увертира за организирање на уште поголеми настани како што се европско или светско првенство.Денеска 50-тината натпреварувачи од десеттина земји одржаа тренинг,а од утре започнува официјалниот натпревар.

„Најголемите светски имиња на оваа дисциплина се тука. Топ три на светската ранг-листа се тука, а од топ 20 веројатно 15-тина луѓе се присутни на овој настан што го прави доста значаен затоа што носи исто така големи бодови за светската ранг-листа којашто ќе помогне и за промоција на Охрид ама ќе помогне и на македонските натпреварувачи за да освојат подобри поени“, изјави Мартин Јованоски-претставник на Македонската воздухопловна федерација.

Одржувањето на Европскиот куп е поддржано од локалната самоуправа од каде што за наредната година најавија уредување на полетувалиште и слетувалиште по светски стандарди.

„Ова е еден од најубавите предели во нашата држава со прекрасни пејзажи на Охридското Езеро и впечатливи панорами на градот Охрид во кои е испреплетено уникатно природно и културно богатство. Поради тоа сум убеден дека натпреварувачите ќе имаат едно незаборавно искуство кое долго ќе го паметат“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.

Учесниците на Купот ќе полетуваат од падините на планината Галичица а ќе слетуваат на Градскиот стадион што ќе биде уште едно несекојдневно доживување за сите оние коишто продолжениот празничен викенд ќе го минат во Охрид.

Тони Нически