Опозицијата бара предвремени избори, власта експресно го отфрли предлогот
Власта и опозицијата со спротивставени ставови. Опозицијата бара директна средба со премиерот за да договорат, како што велат, датум за предвремени избори. Власта експресно го отфрли предлогот, велат владата е успешна, а наредните избори ќе бидат редовни во 2024-та …

Дијаметрално спротивни ставови на власта и опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски по 100-те дена влада бара директна средба со премиерот Ковачевски за договорат датум за предвремени избори. Во меѓу периодот нуди работни групи за економија, надворешни работи, здравство. Мицкоски вели владата на Ковачевски најавтентично ги продолжи сите неуспеси и сите погрешни политики на власт која пет години ја уништува Македонија. Затоа барам општествено обединување и поддршка околу политиките на ВМРО-ДПМНЕ, порача Мицкоски.
„Доколку ја одбие и оваа порака, за средба за излез од националната катастрофа која живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава и потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори. Доколку биде одбиена средбата ќе се покаже дека државата има отсуство на какво било лидерство, а народот ќе мора да дојде по своето“, изјави Мицкоски.
Предлогот на опозицијата експресно одбиен од премиерот Ковачевски. Владата е успешна, избори ќе се одржат во 2024-та. Редовни.
„Избори ќе има во 2024-та година, најнапред претседателски кога ќе победи кандидатот на владејачката коалиција, а потоа ќе се одржат и парламентарни избори на кои повторно ќе победи владејачката коалиција“, одговори премиерот Ковачевски.
Неприфатливо е дозволувањето на оваа Влада, да се мешаат соседните држави во нашите внатрешни работи, па сега откако ќе ги исполниме критериумите за ЕУ, да мора да ги исполниме и критериумите на Петков, вели Мицкоски и нагласува дека нема без дадени гаранции од бугарска страна ВМРО-ДПМНЕ да поддржи отворање на Уставот. Нема никаков документ кој сме го прифатиле. Кога ќе постои такво нешто Собранието ќе го одобри му одговори Ковачевски.
„Јас сум апсолутно свесен дека Ковачевски е подготвен да потпише сè само чека да види дали Петков ќе може тоа да го помине во Бугарија. И тоа најверојатно во овој пластелин, наш вештачки Парламент ќе помине, но за промени во Уставот им требаат две третини, тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи“, вели Мицкоски.
„Не постои никаков потпишан документ меѓу нашата држава и Бугарија. Кога ќе има такво нешто најпрвин ќе го разгледа Владата, а подоцна ќе биде дадено на разгледување и на усвојување во Собранието“, рече Ковачевски.
Ковачевски од собраниската говорница најави отворање Македонски културен центар во Благоевград, додека Мицкоски забележа за подготовка на аранжман од 900 милиони евра со ММФ бидејќи, како што рече, на Владата никој не сака да ѝ издаде еврообврзница.
Миле Ристески
