Образование

Штрајкот во образованието ставен во мирување, МОН ја поздрави одлуката

28.04.2022 18:24

Штрајкот е ставен во мирување, од утре основците и средношколците се враќаат во училиштата. Има рок од дваесет денови Владата и СОНК да ги усогласат барањата...

Штрајкот на СОНК ставен во мирување, од утре основците и средношколците се враќаат на училиште! Неделков вели дека тоа им е законска обврска, откако до нив стигнало известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование пристапува кон мирно решавање на колективниот спор со СОНК.

„Убедени сме дека и платите ќе бидат зголемени толку колку што бараме, толку колку што ни се можностите, дневниците за време на штрајкот дека ќе бидат повлечени, односно нема да бидат скратени, сигурни сме дека колективните договори ќе бидат потпишани за основно, средно и детска заштита, меѓутоа утврдени со рокови, секако и сите оние придобивки коишто со колективни договори баравме да се внесат, како што е превоз на вработени, како што е регрес за годишен одмор и така натака, како и динамика на зголемување на платите во наредните години, особено во 2023 година“, изјави Јаким Неделков, претседателот на СОНК.

По прес конференцијата на СОНК, Министерството за образование преку соопштение ја поздрави одлуката. Тие определиле лице за помирувач согласно со Законот за мирно решавање работни спорови, и во следните 20 дена или до крајот на мај, по мирен пат двата спротивставени табора ќе треба да најдат решение. Доколку и по законскиот рок членството на СОНК не е задоволно, тогаш штрајкот повторно ќе се активира, вели Неделков. Тој нагласи дека во неговото синдикално искуство прв пат се соочува со активирање на вакви законски можности од власта. Остана дилемата дали медијацијата е задоцнета и дали можела и пред штрајкот да биде спроведена.

Катерина Топалова