Одбојка

Шкендија – Струмица на МРТ-3 од 20 часот и 55 минути

28.04.2022 19:09

Ако нема изненадувачки резултати, одбојкарското првенство на Македонија би требало да заврши в сабота. Струмица 47&72 е апсолутен фаворит за триумф во машкото финале над Шкендија, а вториот натпревар од серијата за тронот е од 21 часот со пренос на МРТ-3...

Ако нема изненадувачки резултати, одбојкарското првенство на Македонија би требало да заврши в сабота. Струмица 47&72 е апсолутен фаворит за триумф во машкото финале над Шкендија, а вториот натпревар од серијата за тронот е од 21 часот со пренос на МРТ-3.

Освојувањето на куп-титулата, како и резултатите сезонава, но и во последната деценија, не даваат основа за преголем оптимизам кај тетовскиот клуб дека може да ја оддолжи финалната низа во шампионатот. Струмичани ги добија сите пет меѓусебни средби во тековната сезона со 3-0, вклучувајќи ја и последната пред два дена во салата „Парк“ по којашто имаат предност од 1-0 во победи и се на два чекора од деветтиот првенствен пехар во клупските витрини.

Доколку го зграпчат, ќе биде осми во последните десет години. Шкендија се радуваше на престолот во 2011-та, последната година пред струмичкиот тим да ја почне доминацијата во македонската одбојка. Кај дамите, во истиот период, Јанта Волеј Кисела вода е екипа којашто е постојано во врвот, но нема монопол на трофеите иако веќе го допира третиот шампионски пехар. Во финалето со Работнички Скопје, актуелните бранителки на тронот имаат водство од 2-0 пред утрешната трета пресметка којашто може да биде и последна.